Свет
Како војната во Украина ќе се одрази врз туризмот во Европа?
Многу европски туристички земји, како Хрватска, Шпанија и Италија, се надеваа дека оваа сезона ќе биде многу подобра од претходните две поради укинувањето на мерките за пандемијата, но ситуацијата со Украина искомплицира сè.
Диего Санз, туристички водич во Шпанија, изјави за „Њујорк тајмс“ дека бил воодушевен кога во средината на февруари ја добил својата прва меѓународна групна резервација по повеќе од една година.
„Живееме во самиот рај. Бевме сигурни дека сè ќе си дојде на свое место кога ќе се укинат мерките и дека туристите ќе ни се вратат како пчели кои напаѓаат нектар“, рече Санз.
Но, откако Русија ја нападна Украина кон крајот на февруари, дојде до пад на меѓународните резервации. Во првата недела од војната, бројот на резервации за летови во Европа падна за 23 отсто.
„Ние сме среде силна бура“
„Ние сме среде силна бура“, рече Санз. Имено, регионот на Коста Бланка го зафати едно од најсилните дождови во историјата. Врнежите траеја 18 последователни дена и предизвикаа ненадејни поплави.
„Сонцето ќе се врати, но што е со војната и економските проблеми? Не знам дали ќе заработиме нешто ова лето“, додаде туристичкиот водич.

Што се однесува до рестораните, сопствениците се обидуваат да најдат евтина замена за пченицата и сончогледовото масло, од кои 75 до 80 отсто доаѓаат од Русија и Украина.
„Се трудиме да бидеме флексибилни. На пример, наместо сончоглед користиме маслиново масло. Но, проблемот е во управувањето со трошоците, тие стануваат поскапи“, рече Хавиер Гарсија Куенка, потпретседател на синџирот хотели и одморалишта Magic Costa Blanca.
Се намалува бројот на туристи во Хрватска
Хрватска често е една од европските економии кои најмногу зависат од туризмот, при што приходите од оваа гранка сочинуваат околу една петтина од БДП. Во 2021 година Хрватска ја посетиле 13,8 милиони туристи, а остварени се 84,1 милиони ноќевања. БДП тогаш порасна за 10,4 отсто. Сепак, бројот на резервации во Хрватска сега е намален, според NYT.
Приватната екскурзиска компанија „Дубровник Ботс“, чиишто најголем број клиенти доаѓаат од Соединетите Американски Држави, се очекуваше оваа година да собори рекорди. Сепак, по инвазијата на Украина, стапката на резервации паднала за 70 проценти.
„Според странците оддалечени сме една педа од Украина“, вели сопственикот Никша Смојвер.
Дополнително, чартер компаниите се загрижени поради поскапувањето на бензинот и можниот недостиг на гориво. Dubrovnik Boats сега наплаќа 750 долари (околу 5.160 куни) за патување на релација Дубровник-Хвар. Компанијата досега не ги зголемила цените на билетите, но можеби ќе треба да го направи тоа.

„Се чувствува депресија“
Слична е ситуацијата и во Италија каде што има се помалку оптимизам за успехот на оваа сезона. Пред пандемијата, туризмот сочинуваше околу 14 отсто од БДП на Италија, а во 2019 година земјата ја посетија повеќе од 63 милиони туристи.
„Се чувствува депресија. Мислевме дека пандемиската криза е завршена, но сега повторно има пад на резервациите“, рече Маргерита Капони, која работи како туристички водич во Рим.
Бернабо Бока, претседател на италијанската хотелска асоцијација Федералберги, рече дека е најмногу загрижен за трошоците за енергија, кои значително се зголемија во Италија во последните месеци.
„Хотелите трошат многу енергија. Тие работат седум дена во неделата, 24 часа на ден. Затоа, цената на енергијата е важна компонента во бизнисот“, рече Бока.
Италијанскиот министер за туризам Масимо Гараваља неодамна спомна анкета спроведена меѓу американските патници во која 47 отсто од 4.500 испитаници изјавиле дека ќе ја посетат Европа само кога ќе видат како ќе се развива ситуацијата во Украина.
„Се разбира, ако половина од американските туристи не дојдат во Европа, тоа ќе биде драма“, рече Гараваља.

Некои сепак се оптимисти за сезоната
Но, многу туристички агенции сè уште се оптимисти за оваа сезона, и покрај војната што беснее во Европа и пандемијата на коронавирус. Минатата недела туристичката агенција „Експедија“ објави дека Европа ја чека „добро лето“, додавајќи дека американските туристи пет пати повеќе барале патувања во Британија, Германија и Франција оваа година во споредба со истиот период во 2020 година.
Хотелиерите на Коста Бланка потпишаа договори со фиксни цени со туристичките агенции, што најверојатно ќе резултира со помалку откажувања. Куенка, од синџирот хотели „Меџик Коста Бланка“, рече дека досега не ги зголемил цените и дека половина од хотелските соби се веќе резервирани.
„Ќе треба да ја следиме инфлацијата и можеби ќе треба да ги прилагодиме нашите стапки за да го задржиме профитот. Нема да имаме толку добра година како што очекувавме. Но, сè уште има голема побарувачка. Имено, за време на пандемијата, луѓето сфатија дека можат да умрат и дека нема да живеат вечно, па сега повеќе размислуваат за одмор и слободно време“, изјави Куенка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела неограничено ќе ѝ испорачува санкционирана нафта на Америка
Венецуела на Соединетите Американски Држави ќе им ја испорачува својата санкционирана нафта на неопределено време, откриле денеска извори блиски до Белата куќа, пишува „Си-ен-би-си“.
Оваа информација доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека Венецуела ќе испорача почетна транша од 30 до 50 милиони барели нафта, која ќе се продава по пазарни цени.
„Тие пари ќе ги контролирам јас, како претседател на Соединетите Американски Држави, за да се осигурам дека ќе се користат за доброто на народот на Венецуела и на Соединетите Американски Држави“, порача Трамп преку социјалните мрежи.
Според наводите на изворите, 50 милиони барели се само првата пратка, а испораките ќе продолжат неограничено. Американските санкции против Венецуела ќе бидат селективно укинати за да се овозможи транспорт и продажба на нафтата на светските пазари. Приходите од продажбата ќе бидат депонирани на сметки под контрола на САД, а средствата ќе ѝ бидат враќани на Венецуела според одлука на американската страна.
Планот подоцна го потврди и американскиот министер за енергетика Крис Рајт на конференција што во средата во Мајами ја организираше Голдман Сакс.
„Ќе ја пласираме на пазар суровата нафта што доаѓа од Венецуела“, изјави Рајт. „Прво оваа заостаната, складирана нафта, а потоа, неограничено и во иднина, ќе ја продаваме и тековната венецуелска продукција на пазарот.“
Досега, санкционираната венецуелска нафта најчесто завршуваше во Кина, но сега ќе биде пренасочена кон САД. Трамп појасни дека танкери за складирање ќе ја транспортираат нафтата директно до американските пристаништа.
Венецуела, една од основачките членки на ОПЕК, располага со најголемите докажани резерви на сирова нафта во светот, но во моментов произведува околу 800.000 барели дневно, според податоци на енергетската консултантска компанија Кплер. За споредба, САД моментално произведуваат околу 13,8 милиони барели дневно.
Свет
Зеленски бара нова средба со Трамп
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски побара нова средба со американскиот претседател Доналд Трамп, откако нивни претставници повторно разговарале за најспорните прашања во мировните преговори за ставање крај на војната во Украина.
Киев е под постојан притисок од Соединетите Американски Држави за што побрзо постигнување мир, но инсистира на безбедносни гаранции од сојузниците и ги одбива руските барања за отстапување на источниот дел од Доњецката област и за губење на контролата врз нуклеарната централа Запорожје.
Во разговор со новинари преку „Ватсап“, Зеленски изјави дека сака повторно да се сретне со Трамп за да ја процени неговата подготвеност САД да гарантираат долгорочни безбедносни гаранции, подолги од 15 години, во случај на примирје. Тој го повика Трамп да изврши поголем притисок врз Русија, оценувајќи дека Москва ладно реагира на мировните напори поддржани од САД и продолжува со воздушни напади врз украинските градови и енергетската инфраструктура.
„Американците во моментов се продуктивни и резултатите се добри. Мора да извршат притисок врз Русија. Имаат алатки и знаат како да ги користат“, изјави Зеленски.
Белата куќа засега не одговори на барањето за коментар за можната нова средба меѓу Зеленски и Трамп.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп: Се сомневам дека НАТО би бил тука за нас ако ни треба, но Америка секогаш ќе биде тука за НАТО
Американскиот претседател Доналд Трамп во подолга објава на својата социјална мрежа Трут соушал го изнесе своето гледиште за НАТО. Тој порача дека се сомнева оти сојузниците би застанале зад Соединетите Американски Држави „ако навистина ни бидат потребни“, но истовремено нагласи дека САД секогаш ќе бидат тука за НАТО, „дури и ако тие не бидат тука за нас“.
Во својата објава не наведе што би значел неговиот став во контекст на неговите претходни закани за преземање на Гренланд, кој е дел од Данска, една од членките на НАТО.
Трамп, исто така, ги презеде заслугите за зајакнувањето на НАТО, тврдејќи дека токму тој ги поттикнал земјите-членки да ја зголемат одбранбената потрошувачка. Тој изјави и дека без него „Русија сега би ја имала цела Украина“, а остро го критикуваше и Нобеловиот комитет затоа што не му ја доделил Нобеловата награда за мир.
Тој додаде дека Америка е обновена под негово водство и дека е „единствената нација од која **Кина и Русија се плашат и која ја почитуваат“.
Објавата на Трамп во целост
„Запомнете, за сите тие големи обожаватели на НАТО, тие беа на 2% од БДП, а повеќето не ги плаќаа своите сметки, СÈ ДОДЕКА ЈАС НЕ ДОЈДОВ. САД, глупаво, плаќаа за нив! Јас ги доведов, со почит, до 5% од БДП, И ТИЕ ПЛАЌААТ, веднаш. Сите велеа дека тоа не може да се направи, но можеше, бидејќи, над сè, сите тие се мои пријатели. Без моето учество, Русија сега би ја имала ЦЕЛА УКРАИНА.
Запомнете и дека јас самостојно ЗАВРШИВ 8 ВОЈНИ, а Норвешка, членка на НАТО, глупаво одлучи да не ми ја додели Нобеловата награда за мир. Но тоа не е важно! Она што е важно е дека спасив милиони животи. РУСИЈА И КИНА НЕМААТ НИКАКОВ СТРАВ ОД НАТО БЕЗ СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ, И СЕ СОМНЕВАМ ДЕКА НАТО БИ БИЛ ТУКА ЗА НАС АКО НАВИСТИНА НИ БИДЕ ПОТРЕБЕН. СИТЕ СЕ СРЕЌНИ ШТО ЈА ОБНОВИВ НАШАТА ВОЈСКА ВО МОЈОТ ПРВ МАНДАТ, И ПРОДОЛЖУВАМ ДА ГО ПРАВАМ ТОА.
Секогаш ќе бидеме тука за НАТО, дури и ако тие не бидат тука за нас. Единствената нација од која Кина и Русија се плашат и која ја почитуваат е САД“, напиша Трамп.
Фото: Depositphotos

