Свет
Калифорнија најави заострување на рестриктивните мерки за Ковид-19

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, денеска најави можност за заострување на рестриктивните мерки против Ковид-19 во следните два дена. Можно е да биде издадена и наредба граѓаните да останат во своите домови за да се спречи понатамошно ширење на коронавирусот и притисокот врз здравствениот систем кој е пред колапс.
Според него, пресметките за капацитетите во одделите за интензивна нега покажале дека до средината на декември бројот на пациенти со сериозна клиничка слика може да ги надмине капацитетите во единиците за интензивна нега во државата Калифорнија, доколку не се заострат мерките во борбата против епидемијата. Повеќе од 30 проценти од сите случаи на Ковид-19 во Калифорнија се пациенти со сериозна клиничка слика на кои им е потребна хоспитализација на интензивна нега и приклучување на респиратори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Маск: Американскиот систем за социјално осигурување е најголемата пирамидална шема на сите времиња

Елон Маск го нарече американскиот систем за социјално осигурување најголемата пирамидална шема на сите времиња за време на неодамнешното интервју со подкастерот Џо Роган.
Маск истовремено спроведува масовни отпуштања во федералната администрација и блокира плаќања во неколку државни агенции.
„Луѓето плаќаат во системот за социјално осигурување и тие пари излегуваат од системот веднаш, но обврските кон корисниците траат во текот на нивното пензионирање“, рече Маск.
„Ако ги погледнете идните обврски на системот за социјално осигурување, тие далеку ги надминуваат даночните приходи“, продолжи Маск.
Патем, пирамидалната шема е финансиска шема во која учесниците заработуваат пари првенствено со регрутирање нови членови, наместо со продажба на производи или услуги. Оваа структура е неодржлива бидејќи бара постојан прилив на нови учесници, што на крајот доведува до колапс и загуби за повеќето учесници, освен за оние на врвот на пирамидата.
Многу социјални системи ширум светот функционираат така што сегашните работници ги финансираат пензиите на сегашните пензионери, вклучувајќи го и американскиот систем за социјално осигурување.
Свет
Трамп: САД нема да ги толерираат изјавите на Зеленски уште долго

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека Вашингтон „нема да толерира уште долго“ изјави на украинскиот претседател Володимир Зеленски за „далечниот“ крај на војната со Русија.
На својот профил на социјалните мрежи Truth, Трамп сподели приказна на АП во која Зеленски изјави дека завршувањето на војната со Русија е „многу, многу далеку“ и го нарече „најлошата изјава што Зеленски можел да ја даде“.
„Тоа е она што го кажав, овој човек не сака мир се додека ја има поддршката на Америка, а Европа јасно стави до знаење на средбата со Зеленски дека тие не можат да направат ништо без САД. Веројатно не е толку одлична изјава за да покаже сила против Русија. За што ли размислува?“, напиша Трамп.
Зеленски минатата недела ги посети САД. Во Белата куќа се одржа состанок кој требаше да биде посветен на ставање крај на војната во Украина, но тој брзо прерасна во отворен вербален конфликт меѓу Зеленски и Трамп и неговиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Почетокот на средбата меѓу Трамп и Зеленски изгледаше срдечен, а Трамп изјави дека му е чест да биде домаќин на украинскиот претседател. Но, атмосферата брзо се промени кога Зеленски го доведе во прашање тврдењето на потпретседателот Џеј Ди Венс дека патот до мирот лежи во дипломатијата.
Свет
Фицо: Не поддржувам војна, ниту воена и финансиска поддршка за Украина

„Одбивам да ја поддржам војната во Украина и затоа не се согласувам со воена или финансиска поддршка за таа земја“, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо.
„Ако Европската унија одлучи да продолжи да обезбедува огромна финансиска и воена поддршка за Украина, тоа може да го направи само на билатерална основа“, рече Фицо.
Тој додаде дека Словачка не верува во стратегијата за постигнување мир со воена сила.
Таа стратегија, како што рече, се покажала неуспешна во последните три години.