Свет
Камала го нарече Трамп фашист
Американскиот потпретседател и кандидат за претседател Камала Харис изјави дека нејзиниот противник Доналд Трамп е авторитарец кој не се грижи за потребите на обичните луѓе.
Харис разговараше со гласачите во Пенсилванија како дел од градското собрание каде одговараше на прашања од модератор на Си-ен-ен. Харис рече дека неодамнешното интервју со Џон Кели, поранешен началник на Генералштабот на Трамп со најдолг стаж и пензиониран американски марински генерал, покажал дека Трамп е „сè повеќе нестабилен човек неподобен за претседателската функција“.
Кели даде интервју за Њујорк Тајмс во врска со подготвеноста на Трамп за функцијата. „Трамп им се восхитува на луѓето кои се диктатори. Тој самиот го кажа тоа“, рече меѓу другото Кели. Кампањата на Трамп ги отфрли тврдењата како измислени и сугерираше дека коментарите на Кели се политички мотивирани.
Кели рече дека Трамп постојано се жалел дека американските воени лидери не се толку лојални како нацистичките генерали кои му служеле на Адолф Хитлер.
Прашана дали се согласува со Кели кој го опишува Трамп како фашист, Харис одговори: „Да, се согласувам“.
„Разберете што би можело да се случи доколку Трамп се врати во Белата куќа. И овој пат мораме да сфатиме многу сериозно дека оние луѓе кои најдобро го познаваа и кои беа луѓе од кариера нема да бидат таму за да го задржат“, рече таа.
Подоцна во телевизиската емисија, Харис го нарече наводното восхитување на Трамп кон геноцидниот германски диктатор „сериозен, сериозен проблем“ и истакна дека нејзиниот противник исто така изразил слично восхитување за диктаторите во Русија и Северна Кореја.
„Овие избори за 13 дена му претставуваат на американскиот народ многу важна одлука“, рече таа.
„Американците заслужуваат да имаат претседател кој поттикнува дебата, кој не се плаши од добри идеи од каде и да доаѓаат, но и претседател кој одржува одредени стандарди за тоа како размислуваме за одговорноста и претседател кој не му се восхитува на Хитлер“, додаде Харис.
Изборите за американски претседател се одржуваат на 5 ноември, а досега на изборите гласале 25 милиони луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Почнуваат преговорите за американскиот мировен план за завршување на војната во Украина
Високи претставници на САД и на Украина, како и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија денеска во Женева, Швајцарија ќе разговараат за мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина.
Новоименуваниот специјален пратеник за промоција на мировниот план за завршување на војната во Украина, Даниел П. Дрискол веќе пристигна во Женева, а се очекува да пристигнат и специјалниот пратеник Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио.
Во Женева ќе присуствува украинската делегација, предводена од шефот на претседателскиот кабинет, Андриј Јермак. Во Женева ќе присуствуваат и секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустен Умеров, началникот на Главната дирекција за разузнавање (ГУР) на Министерството за одбрана Кирил Буданов, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Гнатов и други високи претставници.
Трамп пред два дена изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски има рок до 27 ноември да го одобри планот од 28 точки. Но, Трамп вчера одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека неговиот мировен план за Украина не е конечен.
– Би сакале да склучиме мир, тоа требаше да се случи одамна. Војната во Украина со Русија никогаш не требаше да се случи. Да бев претседател, тоа никогаш немаше да се случи. Се обидуваме да ја завршиме. На еден или друг начин, мора да ја завршиме, наведе Трамп.“
Европските и другите западни лидери подготвуваат координиран одговор на мировниот план на Трамп.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон вчера изјави дека планот на Трамп е добра основа за работа, но оти договорот зависи од европски држави и од НАТО.
Мировниот план за Украина на Трамп содржи 28 точки. Украина изрази загриженост бидејќи планот вклучува неколку клучни руски барања: Украина да се откаже од дел од својата територија, да ја намали својата армија и да се откаже од членството во НАТО. Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би морала да се откаже од другите освоени територии.
Предвидено е Украина да добие западни безбедносни гаранции за да спречи понатамошни руски напади.
Планот, исто така, предвидува огромен глобален пакет мерки за да ѝ се помогне на Украина веднаш да почне со обнова на уништената земја, вклучително и формирање на Украински фонд за развој, кој би инвестирал во брзорастечките индустрии, технологијата, центрите за податоци и во вештачката интелигенција.
Претходно Зеленски, коментирајќи го мировниот план, предупреди дека Украина „или ќе го изгуби достоинството или ќе ризикува да изгуби голем партнер“.
Рускиот претседател Владимир Путин потврди дека Москва го добила американскиот план и оти тој може да биде основа за мирно решавање на конфликтот.
Путин истакна дека Украина е против планот, но дека ниту Киев ниту европските сили не ја разбираат реалноста оти руските сили напредуваат во Украина и ќе продолжат доколку нема мир.
Лидерите на Нордиско-балтичката осумка (НБ8) вчера по разговорот со Зеленски објавија заедничко соопштение во се наведува дека „Русија сè уште не се обврзала на прекин на огнот или на какви било чекори што водат кон мир“.
НБ8 е регионален формат за соработка, кој ги вклучува Данска, Естонија, Финска, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка и Шведска.
Свет
Најмалку десет луѓе загинаа во автобуска несреќа во Мексико
Најмалку 10 лица загинаа, а 20 се повредени во синоќешната автобуска несреќа што се случи во западната мексиканска држава Мичоакан.
Несреќата, чија причина сè уште е непозната, се случила на патот помеѓу главниот град на државата Морелија и селото Пацкуаро. Спасувачките операции и медицинската помош се на местото на несреќата.
Сообраќајните несреќи во Мексико изминатите години бележат пораст, а главни причини се пребрзото возење и лошото одржување на возилата. Во септември, цистерна што превезувала речиси 50.000 литри бензин експлодираше под надвозник на автопат во главниот град Мексико, при што загинаа десетици луѓе.
Регион
Еден загинат во поплавите во Албанија по обилните дождови
Најмалку едно лице загина во Албанија во поплавите предизвикани од обилните дождови што паѓаат во изминатите неколку дена, соопшти денес албанската полиција.
Полицијата објави дека тело на жена (76) е пронајдено откако нивото на водата се повлекло во поплавената југоисточна општина Девол.
Поплавите предизвикаа најголема штета во руралните региони на југот на Албанија, а во селото Душар 30 семејства беа отсечени, бидејќи патиштата беа непроодни поради поплавите.

