Свет
Канада, Аргентина и Чиле ги сопреа летовите од Велика Британија
Според последните информации од утрово, Канада, Аргентина и Чиле ги прекинуваат летовите од Велика Британија. Забраната стапи во сила во 6 часот и ќе трае најмалку 72 часа, објави Си-ен-ен. Канадскиот премиер, Џастин Трудо, ја потврди оваа вест на „Твитер“ велејќи дека сè е направено за да се заштитат Канаѓаните во целата земја од новиот вид вирус што циркулира во југоисточна Англија и Лондон.
Канадската јавна здравствена служба соопшти дека иако се потребни повеќе информации за новиот вид Ковид-19, „одлуката за прекинување на летовите од Велика Британија за комерцијални и приватни летови ќе важи 72 часа“.
Министерството за внатрешни работи на Аргентина објави дека последниот лет пред суспензијата од Велика Британија е планиран за Буенос Аирес утрово според локално време, пренесува „Ројтерс“. Патниците и екипажот потоа ќе мора да одат во седумдневен карантин. Чилеанските власти објавија дека од вторник на полноќ на странците без престој, кои биле во Велика Британија последните 14 дена, ќе им биде забранет влез во земјата во следните 14 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа
Американските разузнавачки претставници ги предупредија американските одбранбени компании да ги засилат мерките на претпазливост по неколку акти на саботажа во Европа за кои властите ја обвинуваат Русија.
Во јавниот билтен на Националниот центар за контраразузнавање и безбедносно советување, одбранбените компании, особено оние кои ја поддржуваат Украина во војната против Русија, добија совет да ја зајакнат својата одбрана пред ескалацијата на руската агресија против сојузниците на Украина, пишува Вашингтон Тајмс.
Руската саботажа во Европа го зголемува ризикот за американските компании во странство и потенцијално дома, напишаа властите во предупредувањето.
Свет
Амал Клуни е една од клучните луѓе во издавањето налог за Нетанјаху
Судиите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во четвртокот издадоа налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како и на неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант и воениот командант на Хамас. Тие се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото за време на војната меѓу Израел и Хамас.
Клучната личност зад издавањето на меѓународната потерница беше Амал Клуни, сопруга на познатиот актер Џорџ Клуни и адвокат за човекови права, која помогна да се донесе одлуката до главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд. Амал на оваа задача работи од јуни и беше ангажирана како специјален советник во истрагата на обвинителот на Меѓународниот суд.
Нејзиниот ангажман не помина најдобро кај водечките фигури во САД. Американскиот претседател Џо Бајден го прогласи барањето за „безобразно“ и навести дека ќе бидат преземени санкции против сите што учествувале во создавањето на оваа наредба. Поради ова, на Амал и се заканува кривично гонење и може да биде депортирана од земјата.
Нејзиниот сопруг Џорџ Клуни му порачал на Бајден преку високиот советник Стив Рикети дека Амал не се кае за своите постапки и дека нема намера да ја повлече својата наредба.
Регион
Денеска ќе се одлучува за притворот за 12 уапсени поради трагедијата во Нови Сад
Сите уапсени поради падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад денеска ќе бидат сослушани, објави српски Блиц. Како што јавуваат, после тоа судот ќе донесе одлука за евентуален притвор.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад вчера соопшти дека се уапсени и приведени вкупно 12 лица во врска со трагедијата во Нови Сад, кога падна настрешница на железничката станица во Нови Сад, а вкупно 15 лица го загубија животот, додека двајца се тешко повредени.
Меѓу уапсените се Горан Весиќ, до неодамна министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, потоа Анита Димовски, в.д. помошник министер за железници и интермодален транспорт и Јелена Танасковиќ, до неодамна вршител на должноста директор на „Српска железничка инфраструктура“. Горан Весиќ поднесе оставка на 5 ноември, додека Јелена Танасковиќ во средата.
Порталот Република јавува дека меѓу уапсените е и Небојша Шурлан, поранешен директор на „Српската железничка инфраструктура“, кој на оваа функција беше до март годинава, кога поднесе оставка.