Свет
Канцеларијата на ОН за човекови права едвај преживува поради недостиг на донации
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека неговата канцеларија едвај преживува поради големото намалување на финансирањето од глобалните донатори, а кршењата на правата и потребите во областите погодени од војната се зголемуваат.
„Нашите ресурси се намалени заедно со финансирањето за организациите за човекови права – вклучително и оние на локално ниво – во целиот свет. Едвај преживуваме“, изјави Турк за новинарите.
„ОХЦХР има 90 милиони долари помалку за своите потреби оваа година, што резултира со отпуштања на 300 вработени, што директно влијае на работата на канцеларијата“, рече Турк.
„Суштинската работа мораше да се намали, вклучително и во Колумбија, Демократска Република Конго, Мјанмар, Тунис и други земји во време кога потребите растат“, додаде тој.
Тој рече дека посетите на земјите од страна на специјалните известувачи на ОН, кои се независни експерти, се намалени, како и мисиите за утврдување факти од страна на телата за утврдување факти, а дијалозите со државите за нивното почитување на договорите за човекови права на ОН мораа да се одложат.
„Сето ова има широк ефект врз меѓународните и националните напори за заштита на човековите права“, рече Турк.
САД, убедливо најголемиот донатор на ОН, се повлекоа од ОХЦХР оваа година под администрацијата на Доналд Трамп.
фото/депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА
Свет
Убиени и ќерката, зетот и внукот на ајатолахот Али Хамнеи, јавуваат иранските медиуми
Ќерката, зетот и внукот на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, се убиени во нападите, соопшти новинската агенција “Фарс“, која е поврзана со Корпусот на Исламската револуционерна гарда, повикувајќи се на „добро информирани извори“ во канцеларијата на врховниот лидер, објави вечерва „Би-Би-Си“.
„Фарс“, исто така, соопшти дека „една од снаите на ајатолахот Хамнеи е исто така убиена во нападите“.
Извештаите за смртта на снаата и зетот на Хамнеи претходно циркулираа, но подоцна беа демантирани.
Иранските власти сè уште официјално не ја потврдија смртта на самиот врховен лидер на Иран.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.

