Свет
Катедралата во Вашингтон ѕвонеше за милион смртни случаи од Ковид-19

Ѕвоната на Националната катедрала во Вашингтон во понеделникот заѕвонија 1.000 пати во чест на жртвите од Ковид-19, а Соединетите Американски Држави се на пат да ја надминат бројката од еден милион загинати, пренесува АФП.
Соединетите Американски Држави официјално објавија најголем број смртни случаи во светот, повеќе од Бразил, Индија и Русија, а во понеделникот имаа повеќе од 995.000 смртни случаи од Ковид-19, според најновите податоци на Универзитетот „Џон Хопкинс“.
Големото ѕвоно на катедралата заѕвони во 18 часот (полноќ по средноевропско време), кое се емитуваше во живо на „Јутјуб“, а секој звук на ѕвоното претставуваше 1.000 луѓе, кои починаа во пандемијата, пренесува „Хина“.
„Денес, нашата земја помина трагична фаза – еден милион Американци починаа од Ковид-19“, рече ректорот на катедралата, свештеникот Рандолф Маршал Холерит, пред да заѕвонат камбаните.
Дневниот број на заразени се зголемува во последните недели во САД по укинувањето на задолжителното носење маска за лице, што сега се препорачува само во затворени простории за повеќето жители.
Според неодамнешните процени на Светската здравствена организација (СЗО) од 1 јануари 2020 година до 31 декември 2021 година, пандемијата убила меѓу 13 и 17 милиони луѓе во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија разбира дека е техничка грешка, Вучиќ брзо се извини: Кремљ го коментираше гласањето на Србија за европската резолуција за Украина

Брзата реакција на српскиот претседател Александар Вучиќ на случајното гласање на неговата земја за „антируска резолуција“ во ОН ја задоволи Москва, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Русија разбира дека се работи за техничка грешка. Се разбира, го слушнавме и го забележавме“, одговори Песков на новинарот на руската државна новинска агенција Тасс, кој го праша дали Кремљ го забележал извинувањето на Вучиќ.
„Се случуваат технички грешки. Се разбира дека ни се допаѓа таква брза реакција од шефот на државата“, додаде тој.
Србија вчера на Генералното собрание на Обединетите нации гласаше за европска резолуција за Украина. Меѓутоа, претседателот Александар Вучиќ набрзо изјави дека неговата земја направила грешка и дека требало да покаже воздржаност.
Свет
Небензија: Само Европа сака конфликтот во Украина да продолжи

Европа во моментов е единствениот играч на меѓународната сцена кој сака конфликтот во Украина да продолжи и прави се што може за да се спротивстави на неговото решавање, изјави постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензија.
– Европа во моментов е единствениот играч на меѓународната сцена кој сака конфликтот во Украина да продолжи. Русија ги повикува сите оние кои навистина сакаат траен мир да не му дозволат на владетелот на Киев, чиј мандат е истечен, и оние кои ги влечат неговите конци да ги попречат руските и американските напори за решавање на конфликтот“, рече Небензија.
Тој додаде дека Русија исто така ги повикува Европејците кои го задржале својот здрав разум да се дистанцираат од злосторствата на режимот на Владимир Зеленски и властите во Киев.
Според него, резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за Украина претставува почетна точка за понатамошни напори за решавање на украинската криза.
– Усвоениот текст го гледаме само како почетна точка за понатамошни напори за мирно решавање на украинската криза. Текстот што сега е усвоен не е идеален, но во суштина е прв обид да се усвои конструктивен и прогресивен производ на Советот, кој зборува за патот кон мирот, а не за поттикнување конфликти – оцени тој.
Генералното собрание на ОН усвои антируска резолуција за Украина, при што 93 земји гласаа за, 18 против, а 65 беа воздржани.
Резолуцијата беше подготвена од Украина во соработка со повеќе од 50 земји, но за прв пат без поддршка од САД.
Антирускиот текст на резолуцијата бара Москва „веднаш, целосно и безусловно“ да ги повлече сите свои вооружени сили од украинска територија. Тој исто така го содржи традиционалниот едностран повик до Руската Федерација да ги прекине непријателствата.
Свет
Германски министер: Г7 повеќе нема да ја прифати Русија

Германскиот министер за надворешни работи Јорг Кукис денеска изјави дека Русија нема да биде повторно примена во групата Г7, и покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би сакал Русија да се врати во Г7.
„Г7 јасно ја осуди агресивната војна на Русија, особено на третата годишнина од бруталниот напад на Русија“, рече Кукис во интервју за Ројтерс.
Според него, предлогот на Трамп за враќање на Русија во Г7 нема да биде едногласно усвоен.
Американскиот претседател кон средината на февруари изјави дека би сакал Русија повторно да биде дел од Г7, велејќи дека исфрлањето на Москва од групата било грешка.
– Би сакал да се вратат. Не е важно дали ви се допаѓа Русија или не. За нив постојано се зборува, а и тие треба да седат на нашата маса. Мислам дека Путин би сакал да се врати“, рече тогаш Трамп.
Групата Г7 ја сочинуваат САД, Велика Британија, Канада, Франција, Италија, Германија и Јапонија.
До 2014 година и Русија беше членка на Г7, а тогаш групата беше наречена Г8.