Свет
Келог: Русија нема да ја добие војната
Украинската и американската страна составија список на услови за прекин на војната, кој вклучува 22 многу специфични дејства, изјави специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог.
„На Украинците не им се допаднаа сите услови, но никому нема да му се допадне конечниот став што ќе го заземете. Тоа е во ред кога имате преговори. Но, ние сме во прилично добра позиција со нив“, изјави Келог за „Фокс њуз“.
Одговарајќи на изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Русија ќе ја добие војната против Украина, Келог рече дека тоа не одговара на реалноста.
„Руската Федерација нема да ја добие оваа војна. Русија не постигна никаков напредок во последната една и пол година. Тие изгубија стотици илјади војници, напредуваат во метри, а не во километри. А Украинците се борат жестоко на своја почва. Значи, кога Руската Федерација вели дека победува, тоа не е така“, рече Келог.
Тој оцени дека Русија треба да ја признае промената на околностите, односно дека Украина, според него, добро се држи, дека европските партнери зајакнуваат и формираат нови сили без помош на САД.
„Тие сега се подготвени да ја засилат поддршката за Украина доколку е потребно“, верува Келог.
Како што изјави тој, војната нема да заврши воено, туку само по дипломатски пат.
„Украинците сега добро го разбираат ова, а и Русите треба да го разберат“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Свет
Слаб одѕив на светските лидери за климатскиот самит во Бразил, САД без претставник
На климатскиот самит што следната недела ќе се одржи во бразилскиот град Белем, досега учество потврдиле 57 шефови на држави и влади, што е значително помал број во споредба со минатогодишниот COP29 во Азербејџан, на кој присуствуваа 75 лидери, јави Хина.
САД нема да испратат претставници поради повлекувањето од Парискиот договор, додека Кина ќе ја претставува потпретседателот Динг Сјуејсианг. Присуство потврдиле францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, како и лидерите на Колумбија и Либерија.
Самитот, кој ќе се одржи на 6 и 7 ноември, е подготвителен настан пред конференцијата COP30 (10–21 ноември). Бразилскиот претседател Лула да Силва инсистираше конференцијата да се одржи во Амазонија, симболично нагласувајќи ја нејзината улога во борбата против климатските промени.
Организаторите наведуваат дека ограничениот хотелски капацитет и високите трошоци во Белем создаваат логистички предизвик за очекуваните 50.000 учесници.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.

