Свет
Ким Џонг-ун ѝ подари луксузна куќа на својата омилена ТВ-водителка

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ѝ подари луксузна куќа на својата омилена водителка на државната телевизија. Станува збор за Ри Чун-хи, еден од најпознатите гласови на Северна Кореја, која со децении најавува важни настани во земјата.
Во таа пригода, Џонг-ун ја замоли презентерката да продолжи да ѝ служи на земјата како глас на неговата Работничка партија.
„Џонг-ун рече дека не смее да се штеди на богатствата на земјата како што е презентерката која повеќе од 50 години, уште како девојче била глас на револуцијата. Тој додаде дека очекува Чун-хи да продолжи енергично да ја врши својата работа, во добра здравствена состојба, како што доликува на партиските портпароли“, објави Централната корејска новинска агенција (КЦНА), а пренесе АП.
Ким се сретнал со Ри во средата во Пјонгјанг за време на свеченото отворање на новоизградената станбена област покрај реката. КЦНА наведува дека куќите во таа населба ќе им бидат распределени на истакнати државни службеници, како Ри.
В петок е 110. роденден на починатиот дедо на Ким и основач на државата, Ким Ил-сунг. Ова е најважната државна годишнина во Северна Кореја, со која сукцесивно владеат три генерации на семејството Ким од нејзиното основање во 1948 година. Новата станбена област е во местото каде до 70-тите се наоѓала официјалната резиденција на Ким Ил-сунг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.