Свет
Кина привремено ги забрани летовите на австриска авиокомпанија поради позитивни ковид-патници

Австриската авиокомпанија АУА нема да може да превезува патници до Кина две недели, а причината за тоа е што на еден лет се пронајдени патници заразени со коронавирус.
Кинеските здравствени власти издадоа забрана за превоз на патници во авиони на АУА две недели, откако на 5 март беа откриени пет патници заразени со коронавирусот на летот од Виена до Шангај. По истекот на привремената забрана, доколку се повтори превозот на заразени патници, се заканува подолга забрана за слетување.
Кина бара од авиокомпаниите да спроведат сеопфатни тестови пред патувањето, но исто така ги тестираат патниците по слетувањето. Тоа значи дека патниците што летаат директно од Австрија мора да имаат негативен ПЦР-тест и еден негативен антиген тест, не постар од 48 часа. Резултатите од тестот мора да бидат потврдени од кинеската амбасада.
Петте заразени патници, како што објави АУА, се транзитни патници, кои пристигнале во Виена од разни дестинации и кои морале да носат маски ФФП2 за време на целиот престој на аеродромот и во авионот.
Забраната за превоз на патници до Кина стапува на сила од денес, па следниот редовен лет за Шангај оваа компанија ќе го изврши дури на 9 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.
Свет
Израелската војска: Иран истрела помалку од 100 балистички ракети, повеќето ги пресретнавме

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, рече дека помалку од 100 балистички проектили биле истрелани од Иран кон Израел.
Дефрин рече дека „повеќето од ракетите биле пресретнати од воздушната одбрана или паднале пред да стигнат до израелска територија“.
„Регистрирани се ограничен број погодоци на згради, а дел од штетата е предизвикана од фрагменти од пресретнати проектили“, додаде тој.
Според израелските медицински служби, во нападот биле ранети 40 лица.
Свет
Нетанјаху: Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва и порача на јавноста дека можат да ги напуштат засолништата, откако новиот бран ирански ракети прелета над израелска територија.
„Иранскиот режим никогаш не бил послаб. Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот“, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање.
Тој директно им се обрати и на граѓаните на Иран: „Јас сум со вас, израелскиот народ е со вас“, рече тој.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац изјави дека Иран „ја преминал црвената линија со лансирање ракети кон израелските цивилни области“ и најави: „Техеран ќе плати висока цена“.
Оваа иранска одмазда следеше по израелските воздушни напади на иранска територија, при што беа погодени нуклеарни постројки и беа убиени високи команданти и научници.