Свет
Кинезите изградија тунел долг 22 километра, ќе биде отворен оваа година

Во новата година Кинезите се подготвени за нов, импресивен инфраструктурен проект.
Тоа е најдолгиот тунел на автопатот Тианшан Шенгли, кој Кина го изгради и планира да го отвори во 2025 година.
Тунелот долг 22,13 километри минува низ планините Тианшан, еден од најголемите планински масиви во светот и низ регионот Ксинџијанг, каде што, кога ќе биде пуштен во употреба, ќе го намали времето на патување низ планинскиот премин од три часа на само 20 минути.
Како што објавија државните медиуми, ова е дел од автопатот долг 319,72 километри што ќе ги поврзе двата најнаселени града во регионот – Урумчи и Корлу. Од еден град до друг ќе бидат потребни три часа, а не седум како порано.
Ова инженерско чудо, како што веќе го нарекуваат овој тунел, го изградиле повеќе од 3.000 работници. Државната телевизија „ЦЦТВ“ објави дека ги надминале екстремните геолошки предизвици и ризици за време на работата.
На градежните екипи им беа потребни повеќе од четири, но тунелот, наводно, бил завршен година и пол пред предвиденото.
Според „Саут Чајна Морнинг Пост“, работата вклучувала пробивање на планински венец за да се изградат два сообраќајни тунели и еден сервисен тунел што поминува меѓу нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Земјите од Блискиот Исток ми понудија да го средат Хамас, реков – не уште

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неколку блискоисточни земји и држави од поширокиот регион му понудиле да испратат војска во Појасот Газа за, како што рече, да го средат Хамас, доколку организацијата го прекрши договорот постигнат со американската администрација.
„Многу од нашите сојузници на Блискиот Исток со ентузијазам ми порачаа дека би влегле во Газа со силни трупи и би го средиле Хамас ако продолжи да делува лошо. Јас им реков: ‘Не уште!’“, напиша Трамп на платформата „Тру соушал“.
Тој додаде дека сè уште постои надеж Хамас да го исполни договорот, но предупреди дека ако не, крајот на Хамас ќе биде брз, жесток и брутален.
Во објавата Трамп посебно ја спомена Индонезија и нејзиниот одличен лидер за поддршката кон Блискиот Исток и САД.
Изјавата доаѓа во време на кревко примирје во Газа, постигнато со посредство на Египет и Катар, додека Вашингтон преговара со регионалните партнери за стабилизирање на состојбата и можно политичко решение на конфликтот.
Свет
Макрон: Итно да се отворат хуманитарни рути кон Газа

Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави во Љубљана дека примирјето во Газа е многу кревко и повика на итно повторно отворање на граничните премини за влез на хуманитарна помош.
„Ова е апсолутно итна состојба. Треба веднаш да се воспостават хуманитарни мостови и рути за да стигнат храна и медицинска помош до населението“, рече Макрон, додавајќи дека е неопходно Советот за безбедност на ОН да усвои резолуција за меѓународна рамка за управување и безбедност во иднина во Газа.
Девет земји од Европската унија, кои граничат со Средоземното Море, побараа од израелската влада да ги отвори премините, вклучувајќи го и „Рафах“, за непречено доставување на хуманитарна помош.
Свет
Криза во Вилнус: спорот околу воениот буџет ја подели литванската влада

Литванската министерка за одбрана Довиле Шакалиенe ја објави својата намера да поднесе оставка по сериозното несогласување со премиерката Инга Ругињена околу планираниот воен буџет за 2026 година.
„Секако ќе разговарам со претседателот и ќе му ги презентирам моите аргументи“, изјави Шакалиена за националната телевизиска станица ЛРТ. Министерката призна дека нејзиниот тим не го дели целосно ставот на премиерката и дека „операциите не можат да продолжат во услови на недостаток на доверба“.
Според неа, таа формално нема да поднесе оставка додека не се консултира со шефот на државата, но не гледа причина што би можела да ја промени нејзината одлука да ја напушти функцијата.
Конфликтот на врвот на литванската влада избувна откако Министерството за одбрана објави дека буџетот за одбрана во 2026 година ќе изнесува 4,87 проценти од БДП. Премиерката Ругињена потоа најави зголемување на средствата на 5,38 проценти од БДП, со остри критики за работата на воениот оддел под водство на Шакалиена.
Според аналитичарите во Вилнус, овој конфликт ги одразува подлабоките несогласувања во рамките на владејачката коалиција во врска со приоритетите на финансирање на одбранбениот сектор во услови на зголемување на воените трошоци во балтичкиот регион.
Фото: принтскрин