Свет
Кинеска лабораторија тврди дека годинава ќе има лек за коронавирусот

Кинеска лабораторија развива лек за кој верува дека може да спречи пандемија на коронавирусот и да биде подготвен за масовно производство подоцна оваа година.
Лекот базиран на антитела, развиен на престижниот Универзитет во Пекинг, го скратува времето на закрепнување кај пациенти со Ковид-19, но исто така создава краткорочен имунитет на вирусот, велат истражувачите.
Суни Кси, директор на Универзитетскиот иновативен центар за геномика, посочува дека лекот се покажал успешен кај животните.
Кси исто така рече дека количината вирус кај заразените глувци е значително намалена по вшприцувањето неутрализирачки антитела.
„Ова покажува дека потенцијалниот лек исто така има и терапевтски ефект“.
Лекот користи неутрализирачки антитела произведени од човечкиот имунолошки систем за да спречи вирусот да влезе во клетката. Антителата биле изолирани од крвта на 60 оздравени пациенти.
Напис за истражувањето беше објавен во научното списание „Клетка“. Кси посочува дека неговиот тим деноноќно барал антитела.
Тој додаде дека лекот треба да биде подготвен за употреба подоцна оваа година, навреме за можен втор бран на пандемијата во зима. Во моментот заразени со коронавирус се 4,8 милиони луѓе, а 315.000 починале.
„Планирани се клинички испитувања“, рече Кси додавајќи дека тие ќе се спроведат во Австралија и во други држави бидејќи бројот на заболени во Кина рапидно се намалил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Гореше зграда во Анкара, бебе и двајца возрасни загинаа, 26 лица се повредени

Три лица, меѓу кои и тримесечно бебе, го загубија животот во страшен пожар што избувнал синоќа околу 22:00 часот во станбена зграда со 26 ката во квартот Чанкаја, во главниот град на Турција, Анкара.
Според информациите на турските власти, огнот избувнал на четвртиот кат од зградата, а пламенот брзо се проширил на повисоките катови. Екипите на противпожарната служба работеле скоро четири часа за целосно да го стават под контрола пожарот, објави државниот сервис ТРТ.
На терен биле испратени и екипи на Брза помош, кои згрижиле 26 лица со повреди, од кои 20 биле префрлени во три различни здравствени установи – Анкара Билкент, Етлик болницата и клиниката при Медицинскиот факултет на Универзитетот Гази.
Од повредените, едно лице се наоѓа во критична состојба.
Дополнително, 39 лица, вклучувајќи седум пожарникари, се пожалиле на симптоми на труење со чад и добиле медицинска помош.
Властите започнаа истрага за причините за пожарот, кој ја потресе јавноста во Турција.
Регион
Скопјанец упасен во Албанија, Австрија го бара за издржување 20 години затвор

Во рамки на акцијата „Операција 54“, албанската полиција уапси македонски државјанин кој се барал со меѓународна потерница издадена од австриските власти за сериозни кривични дела, меѓу кои трговија со дрога, закани, изнуда и телесна повреда.
Како што информира Дирекцијата на силите за специјални операции во Албанија, приведен е 41-годишниот М.А. од Скопје, кој бил лоциран и уапсен на албанска територија.
„Лицето М.А. е баран со потерница од Јавното обвинителство во Инсбрук, Виена, за кривични дела за кои со австрискиот Кривичен законик е предвидена затворска казна до 20 години“, се наведува во соопштението од албанската полиција.
При апсењето кај осомничениот била пронајдена и марихуана, која е запленета како доказ во текот на истрагата.
Постапките за екстрадиција на осомничениот се во тек, во координација меѓу Интерпол Тирана и австриските правосудни органи.
Ова е втор случај на апсење на македонски државјанин со меѓународна потерница во Албанија овој месец. На 6 јули, на граничниот премин „Ќафасан“ кај Струга, беше приведен 34-годишниот А.А. од Кичево, кој се бараше од швајцарските власти и е осуден на 20 години затвор за меѓународна трговија со дрога.
Свет
Украина собори 40 руски дронови, Русија возврати со 36 пресретнати над своја територија

На небото над Украина и над Русија се води сè поинтензивна беспилотна битка, Киев и Москва тврдат дека успешно ги неутрализирале најголемиот дел од ноќните напади.
Во текот на ноќта меѓу 12 и 13 јули, украинските сили за противвоздушна одбрана собориле 40 од вкупно 60 дронови со кои Русија извршила напад врз украински цели, соопштија Воздухопловните сили на Украина. Според агенцијата „Укринформ“, нападот бил извршен од правец на руските градови Курск и Милерово, а користени биле ирански дронови од типот „Шахед“ како и беспилотни летала-имитатори.
Целите биле главно во близина на линијата на фронтот – територии во Доњецката, Сумската и Дњепропетровската област, каде што во текот на последните денови се водат жестоки борби.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана информира дека и руската противвоздушна одбрана успешно неутрализирала 36 украински дронови над неколку региони во западниот дел на земјата. Според нивното соопштение, 26 беспилотни летала биле соборени над Белгородската област, четири над Воронежската, и по три дрона над Липецката и Нижегородската област.
Иако ниту една од страните не објави информации за евентуални жртви или материјална штета, интензитетот на воздушните напади укажува на ескалација на воените дејствија преку беспилотна технологија.