Свет
Кинескиот претседател ја одби поканата на Трамп за инаугурацијата
Кинескиот претседател Кси Џинпинг најверојатно нема да присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп следниот месец, и покрај тоа што доби лична покана од Трамп по денот на изборите, пишува Њузвик.
Амбасадорот на Кина во САД и неговата сопруга се очекува да го претставуваат Пекинг на настанот на 20 јануари, во согласност со стандардниот дипломатски протокол. На делегацијата би можеле да и се придружат и други кинески претставници, но не и претседателот.
Кинеската амбасада во Вашингтон и тимот на Трамп одбија да ја коментираат одлуката на претседателот.
Трамп ја упати поканата до Си и покрај тоа што неодамна изјави дека има намера да воведе високи царини за кинески стоки, повеќе од 25 проценти што планира да ги воведе и на Мексико и Канада. Царините за Мексико и Канада се дизајнирани да ја запрат илегалната миграција и шверцот на фентанил во САД.
Идната портпаролка на Трамп, Керолин Левит, рече дека повикот е пример за тоа дека претседателот Трамп воспоставил отворен дијалог со лидерите на сите земји, не само со оние кои се сојузници на Америка, туку и противници или конкуренти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Смената на режимот во Иран би била најдобрата работа
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека смената на режимот во Иран „би била најдобрата работа што може да се случи“.
– Само зборуваат и зборуваат и зборуваат веќе 47 години – наведе Трамп.
Тој потврди и дека најголемиот носач на авиони во светот „УСС Џералд Р. Форд“ од Карипско Море ќе биде распореден на Блиски Исток. Тој ќе се придружи на носачот „УСС Абрахам Линколн“ и на бродовите разорувачи со наведувачки ракети, кои во регионот се повеќе од две недели.
– Ќе ни треба во случај да не постигнеме договор. Многу брзо заминува – истакна Трамп.
Но, Трамп навести дека е можен договор со Иран и избегнување на воена операција.
– Ако ни дадат прав договор, нема да го сториме тоа – посочи Трамп.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos

