Свет
Кинеските научници тврдат дека короната никогаш нема да исчезне, поверојатно е друго сценарио
Кинеските научници тврдат дека човештвото никогаш нема во целост да го искорени коронавирусот, со тоа приклучувајќи им се на сè поголем број меѓународни експерти, кои велат дека вирусот ќе се враќа сезонски како грипот.
Според „Блумберг“, кинеските научници тврдат дека е малку веројатно оти коронавирусот ќе исчезне онака како што исчезна неговиот постар брат САРС пред 17 години бидејќи се пренесува меѓу луѓето, притоа не предизвикувајќи никакви симптоми кај некои од нив. Токму оваа група асимптоматски пациенти ја отежнува контролата над епидемијата, изјавија кинеските научници на брифингот во Пекинг.
Во случајот со САРС заразените имале сериозни симптоми. Кога тие биле ставени во карантин, болеста престанала да се шири. Спротивно на тоа, сè повеќе асимптоматски случаи на коронавирус продолжуваат да се појавуваат во Кина, каде што епидемијата е ставена под контрола.
„Ова ќе биде епидемија со која ќе живееме многу долго и веројатно ќе биде сезонска“, вели Џин Ки од кинеската Академија за медицински науки.
И американскиот стручњак Ентони Фаучи вели дека коронавирусот, најверојатно, ќе се враќа сезонски.
Сепак, кинеските научници исто така предупредуваат дека нема доволно докази оти заразата ќе забави во текот на летото.
„Вирусот е чувствителен на топлина, но само кога е изложен на температура од 56 Целзиусови степени подолго од 30 минути. Времето нема да биде толку топло. На глобално ниво, шансите бројот на заразени да се намали во текот на летото се многу мали“, вели Венг Гуиџијанг, шеф на одделот за инфективни болести при Универзитетската болница во Пекинг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

