Свет
Кинески академик под истрага поради експеримент со генетска мутација
Кинески универзитет соопшти дека итно ќе почне истрага против професор што објавил видеоматеријал на „Јутјуб“ каде што објаснува дека извршил генетска мутација на близнаци, кои се родиле на почетокот од годинава.
Универзитетот по наука и технологија во градот Сенчен во јужниот дел на Кина изјави дека дотогаш не било познато дека професорот го работел овој проект, а академикот бил отсутен од февруари без плата.
Овој проект претставува сериозно прекршување на академската етика и стандарди, велат од универзитетот.
Универзитетот објави соопштение кога професорот во петте видеозаписи зборува дека користи технологија за мутирање гени наречена CRISPR-Cas9 со цел да го промени генотипот на близначките.
Според професорот, процедурата, кој тој ја нарекува генетски зафат или генетска операција, била безбедна и близначките се родиле здрави како и многу бебиња. Сепак, тврдењата не може да се потврдат поради тоа што професорот не водел писмена документација за истражувањето.
CRISPR-Cas9 е технологија со која научниците го употребуваат т.н. метод copy-and-paste со надеж дека ќе поправат генетски недостатоци и болести.
Сепак, овие методи се загрижувачки поради безбедноста и етичкиот пристап.
„Ако е вистина, овој експеримент е монструозен“, вели Јулијан Савулеску, директор на Центарот за практична етика при Универзитетот „Оксфорд“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама: Министерката создадена со вештачка интелигенција „ќе роди“ 83 дигитални помошници за парламентот
Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека нивната министерка создадена со помош на вештачка интелигенција, Диела, ќе „роди“ 83 дигитални помошници кои ќе работат како виртуелни асистенти на пратениците од Социјалистичката партија.
Според Рама, тие асистенти ќе ја подобрат ефикасноста и транспарентноста на парламентот, водејќи евиденција за седниците, подготвувајќи анализи и предлагајќи политики засновани на податоци.
Диела, која беше именувана во мај 2025 година, е првата виртуелна министерка во светот создадена со помош на вештачка интелигенција. Нејзината задача е да ја следи законитоста и транспарентноста на државните тендери и да спречи корупција, со користење алгоритми што одлучуваат без човечко влијание.
Рама ја опиша иницијативата како чекор кон „целосно транспарентна и безкорупциска“ администрација, а метафората за „трудна министерка“ симболично го претставува ширењето на вештачката интелигенција во повеќе сектори на управувањето во Тирана.
Свет
Орбан оди кај Трамп поради руската нафта
Унгарскиот премиер Виктор Орбан следната недела ќе отпатува во Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и да разговара за санкциите против руската нафтена индустрија, изјавил шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Сијарто рече дека Унгарија оваа недела ќе ја анализира „правната и физичката последица“ од санкциите што САД ги воведоа против руските компании минатата недела, додавајќи дека Орбан ќе може лично да разговара со Трамп ако биде потребно.
Средбата треба да се одржи во втората половина на следната недела, но точниот датум не е познат.
Трамп претходно изјави дека Европа мора целосно да се откаже од руската нафта и гас и воведе санкции против „Росњефт“ и „Лукоил“, додека Орбан најави дека Унгарија ќе бара начини да ги заобиколи американските ограничувања.
Свет
Трамп до Путин: Наместо да тестираш ракети, заврши ја војната во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше на веста дека Русија успешно ја тестирала новата крстосувачка ракета на нуклеарен погон „Буревестник“, пренесе „Еуроњуз“.
„Тој (Путин) треба да ја заврши војната. Војната што требаше да трае една недела сега влегува во својата четврта година. Тоа треба да го направи, наместо да тестира ракети,“ изјави Трамп од претседателскиот авион „Ер форс уан“.
Руското Министерство за одбрана претходно објави дека тестирањето било успешно и дека ракетата, според шефот на Генералштабот Валериј Герасимов, прелетала 14.000 километри за 15 часа.
Трамп го нарече тестот „непримерен“ и предупреди дека Москва е свесна за американската нуклеарна подморница која е многу блиску до нивниот брег.
Според анализата на експертот Џон Харди од Фондацијата за одбрана на демократиите, ракетата „Буревестник“ со нуклеарен погон би можела да има „практично неограничен дострел“, но ја оцени како „непотребен трошок“ што ја оптоварува руската војска.
„Ројтерс“ потсетува дека клучниот договор за ограничување на нуклеарното вооружување — „Нов СТАРТ“ — истекува на 4 февруари 2026 година, што дополнително ги зголемува тензиите меѓу Москва и Вашингтон.

