Свет
Конференција за вода во Бразил: Водата не смее да стане ресурс што ќе ја предизвика следната светска војна
Бразил, државата со најголеми резерви на питка вода во светот, следната недела ќе биде домаќин на меѓународна конференција што ќе се одржи во светло на зголемениот страв поради загрозеноста на изворите на вода за пиење на Земјата, која станува се потопла.
Под мотото „Сподели ја водата“, осмиот Светски форум за вода во бразилската престолнина Бразилија ќе собере 15 претседатели на држави и влади, 300 градоначалници и десетици експерти. Форумот ќе се одржува од 18 до 23 март. Се проценува дека вкупно ќе присуствуваат околу 40.000 луѓе, велат организаторите.
Учесниците ќе се запознаат со најавената драма во Кејптаун, Африка, град за кој претходно месецов се предвидуваше дека до јули ќе остане без вода за пиење, што би ги принудило граѓаните на екстремна заштеда на водата. Меѓутоа, по се изгледа кризата нема да биде толку драстична, соопштија тамошните власти, додавајќи дека кампањата за намалување на потрошувачката направила доволно за да се избегне исклучување.
„Традиционалниот начин на решавање на проблемот со резервите на питка вода очигледно не функционира“, вели Колин Стронг од Светкиот институт за ресурси, коавтор на студија за управување со водата за пиење во светот. „Точно е дека Кејптаун беше погоден од суша, сушите се природни појави на кои не може ефективно да се одговори, но земено во целина постојат планови за ефикасно решавање на проблемот со водата за пиење“, додава тој.
„Доколку градовите немаат планови како да постапуваат при недостиг од вода за пиење, случајот од Кејптаун може да се повтори и на друго место“.
Инаку, Форумот се одржува во чувствителен момент за Бразил, кој поседува 18 отсто од светските ресурси на вода за пиење. Североисточниот дел на земјата е погоден од најдолгата суша во историјата, а Бразилија ја има ограничено потрошувачката на вода од јануари 2017-та година.
„Водата мора да биде нешто кое ќе ги поврзува заедниците и земјите, а не ресурс што ќе ја предизвикува следната светска војна. Форумот ќе се обиде да препорача добри практики, решенија и искуства“, истакнал Рикардо Медеирос, директор на форумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

