Свет
Кремљ: Путин му испрати порака на Трамп во врска со прекинот на огнот
Кремљ денеска објави дека рускиот претседател Владимир Путин преку специјален пратеник му испратил порака на американскиот колега Доналд Трамп во врска со неговиот предлог за прекин на огнот во Украина и рече дека има причини за внимателен оптимизам.
„Путин доцна во ноќта имаше разговори во Москва со пратеникот на Трамп, Стив Виткоф, за предлогот за 30-дневен прекин на огнот во Украина“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Киев претходно ја прифати идејата.
Песков рече дека Путин испратил сигнали до Трамп преку Виткоф и дека рускиот лидер бил свесен за американските размислувања за Украина.
„Постојат одредени причини за внимателен оптимизам. Вчера, слушнавте многу важна изјава на претседателот Путин, кој одговараше на прашање на новинар. Тој рече дека ја поддржува позицијата на претседателот Трамп за договорот, но иницира неколку прашања на кои треба заеднички да се одговори“, рече портпаролот на Кремљ.
„Значи, сигурно има уште многу работа да се заврши, но, генерално, претседателот изрази солидарност со позицијата на г. Трамп“, додаде тој.
Песков најави дека Русија и САД ќе работат на организирање телефонски разговор меѓу двајцата претседатели откога Виткоф го информирал Трамп за разговорот со Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО отпушта една четвртина од персоналот
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека нејзиниот персонал ќе се намали за околу една четвртина, или околу 2.300 работни места, до средината на следната година, објави Ројтерс.
Дупката во буџетот на организацијата за 2026-2027 година е нешто над 1 милијарда долари.
Намалувањата ќе бидат резултат на реформи, како и пензионирања и заминувања на персоналот, кои се наметнати поради повлекувањето на најголемиот донатор на организацијата – САД, кои покриваат околу 18 отсто од финансирањето.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја повлече земјата од СЗО по преземањето на функцијата во јануари, потсетува агенцијата.
Свет
Макрон: Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина
Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина, изјави денес францускиот претседател Емануел Макрон, повикувајќи ја да го развие својот технолошки суверенитет.
„Да бидеме јасни, Европа не сака да биде клиент на големи претприемачи или големи решенија презентирани од САД и Кина. Сакаме да ги развиеме нашите сопствени решенија“, рече Макрон во Берлин, на француско-германскиот самит за технолошкиот суверенитет на Европа.
Европа „едноставно одбива да биде вазал“, нагласи тој, со оглед на тоа што значително заостанува во технолошкиот сектор, особено во трката за развој на вештачката интелигенција.
„На краток рок, постои цена ако не се биде вазал бидејќи треба повторно да се инвестира“, рече тој, оценувајќи дека ова трошење е клучно и дека Европејците мора „да донесат многу смели одлуки“.
Меѓу тие одлуки, „прв приоритет“ е „европската преференција“, особено во областа на јавните набавки, со цел да се овозможи развој на технолошките „шампиони“ во Европа, рече францускиот претседател.
„Кинезите имаат кинеска ексклузивност колку што е можно повеќе, а Американците имаат многу силна американска преференција. Само што ние никогаш немаме европска преференција, згора на тоа, понекогаш дури сме фасцинирани од неевропски решенија“.
Свет
Конгресот гласаше за објавување на досиејата за Епштајн – 427 гласови за, 1 против
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денес речиси едногласно гласаше за закон со кој се наредува Министерството за правда да ги објави сите документи за осудениот сексуален предатор Џефри Епштајн.
Иницијативата почна уште во јули, кога мала двопартиска група пратеници започна петиција за заобиколување на претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој контролираше кои закони се ставаат на гласање. На почетокот, нивните шанси изгледаа мали, особено откако претседателот Трамп ја нарече целата работа измама и ги повика своите поддржувачи да ја игнорираат.
Сепак, обидите на Трамп и Џонсон да го спречат гласањето на крајот не успеаја. Соочен со зголемена поддршка за законот, претседателот попушти, па дури и објави дека ќе го потпише доколку помине во Сенатот.
Законот беше усвоен со убедливи 427 гласови „за“ и само еден „против“. Единствениот пратеник кој се спротивстави беше Клеј Хигинс, републиканец од Луизијана и страствен поддржувач на Трамп. Интересно е што Хигинс претседава и со поткомисијата која веќе ги побара досиејата на Епштајн од Министерството за правда.
Гласањето е јасен показател за зголемениот притисок врз политичарите и администрацијата на Трамп конечно да одговорат на долгогодишните јавни барања за транспарентност во случајот Епштајн.
Џефри Епштајн беше моќен финансиер со бројни врски, а си го одзеде животот во 2019 година во затвор на Менхетен, каде што чекаше судење по сериозни обвиненија за сексуална злоупотреба и трговија со малолетници.

