Свет
Кремљ ја отфрли статијата на „Ле Монд“ според која Путин кажал дека Навални самиот се отрул
Франанцускиот весник „Ле Монд“ објави дека рускиот претседател Владимир Путин во телефонскиот разговор со својот француски колега Емануел Макрон му рекол дека рускиот опозиционер Алексеј Навални можеби самиот се отрул, пренесува „Спутник“.
„Темата за берлинскиот пациент беше всушност дискутирана за време на неодамнешните разговори меѓу претседателот Путин и претседателот Макрон. И ние известивме за тоа. Во исто време, весникот целосно неточно ги пренесува нивните изјави“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој исто така нагласи дека ако весникот ги пренел точните изјави, тоа ќе значи дека француските власти им го дале транскриптот од разговорот на медиумите, што, според него, не може да биде точно.
Песков исто така истакна дека отровот новичок сега може да го произведуваат многу земји, па затоа може да биде невозможно да се открие неговото потекло.
Руската опозициска фигура и шеф на Фондацијата за борба против корупцијата, Алексеј Навални, тешко се разболе за време на летот од градот Томск на 20 август. Авионот итно слета во Омск, каде што Навални првично се лекуваше, а по два дена, откако лекарите дозволија негов превоз, тој беше пренесен во болницата „Шарита“ во Берлин, на барање на неговото семејство.
Германски лекари тврдат дека примероците на Навални содржат траги од нервен агенс од групата новичок. Сепак, Берлин не ѝ обезбеди на Москва никакви докази за тоа и одби да формира заедничка комисија или да ѝ помогне на истрагата што ја почнаа руските полициски органи.
Москва го коментираше случајот, велејќи дека Русија не произведува никакви супстанции од групата новичок откако ОПЦВ го потврди уништувањето на залихите на хемиско оружје во раните 90-ти години на минатиот век.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Последните денови беа тешки“: гренландската министерка емотивна по средбата со САД
Гренландската министерка за надворешни работи Вивијан Моцфелд беше совладана од емоции за време на интервју за КНР по историскиот состанок со американскиот државен секретар и потпретседател во Вашингтон.
„Последните неколку дена беа тешки. Се подготвувавме, а притисокот стануваше сè поголем“, изјави Моцфелд, пишува КНР.
Тоа беше историски ден за Гренланд. За првпат гренландската министерка за надворешни работи и данскиот министер за надворешни работи седеа на иста маса со американскиот државен секретар и потпретседателот, со цел да појаснат дека Гренланд не е на продажба. По состанокот, кој цел ден беше во фокусот на светските медиуми, Вивијан Моцфелд и Ларс Локе Расмусен одржаа прес-конференција, по што министерката гостуваше во живо на КНР.
На прашањето дали успеала да остане смирена за време на состанокот со Американците, гласот ѝ затрепери.
„Силни сме во министерството и со сите сили работиме на тоа ние, на Гренланд, да можеме да живееме безбедно“, рече таа, ставајќи ја раката на градите.
За порталот Sermitsiaq.AG изјави: „На состанокот, на кој учествував како Гренланѓанка, ги нагласив чувствата што ги доживуваме овде во земјата и сè поголемиот притисок што го искусивме во текот на годината, кој создаде страв и несигурност меѓу населението. Тоа нашите сојузници мора да го разберат.“
Силниот американски притисок врз Гренланд започна пред една година, откако американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати изјави дека САД треба да преземат контрола над островот. По неколку месеци релативно затишје, ситуацијата повторно ескалираше на почетокот на јануари.
Состанокот на министерско ниво беше договорен минатата недела, а во вторникот беше објавено дека на средбата меѓу Вивијан Моцфелд, Ларс Локе Расмусен и американскиот државен секретар Марко Рубио ќе присуствува и потпретседателот Џ.Д. Венс.
Истиот ден, премиерот на гренландската влада Јенс-Фредерик Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен повторија јасен став – Гренланд не е на продажба и нема да стане дел од Соединетите Американски Држави.
„Пред сè, бевме многу темелно подготвени за состанокот“, изјави Вивијан Моцфелд за КНР.
„Подготовките беа координирани меѓу Гренланд и Данска. Не знаевме каква ќе биде атмосферата и затоа се обидовме да бидеме подготвени за сите сценарија.“
Таа додаде дека состанокот сепак поминал во атмосфера на заемна почит.
„За среќа, влеговме во простор обележан со почитување. Јасно објаснивме каква е нашата состојба на Гренланд. Отворено ја изразивме желбата за соработка. Се надеваме дека ќе постигнеме заедничко разбирање со кое сите ќе можеме да живееме.“
Сепак, дали до тоа ќе дојде, останува неизвесно. Американскиот претседател Трамп упорно ја задржува намерата да го преземе Гренланд, а Ларс Локе Расмусен на прес-конференцијата потврди дека данско-гренландската делегација не успеала да го промени американскиот став.
„Тоа, сепак, не го ни очекував. Јасно е дека претседателот има желба да го освои Гренланд“, изјави тој.
Договорено е формирање работна група со високи функционери која ќе продолжи да ги разгледува преостанатите прашања. Сепак, Локе призна дека исходот од работата на таа група е неизвесен.
„Се согласивме дека има смисла да седнеме заедно на високо ниво за да истражиме дали постои начин да се одговори на грижите на претседателот“, заклучи тој.
Свет
Рим воведе ново ограничување на брзината во центарот на градот
Рим денеска се придружи на низа европски метрополи кои драстично ги намалија ограничувањата на брзината на возење, принудувајќи ги Италијанците, познати по нивното несовесно возење, да забават во обид да ги намалат несреќите и загадувањето.
Новото ограничување на брзината од 30 километри на час низ целиот историски центар на Вечниот град стапи на сила денес, речиси преполовувајќи го претходното ограничување од 50 километри на час на улиците преполни со жители, туристи и автомобили.
„Овие патишта одразуваат град изграден за автомобили кој повеќе не постои. Пониските брзини спасуваат животи“, изјави шефот на сообраќајот на Рим, Еуџенио Патане, за дневниот весник „Кориере дела Сера“. Тој истакна дека податоците сугерираат дека пребрзото возење игра улога во 7,5 проценти од сообраќајните несреќи во градот.
Тој најави дека новото ограничување ќе се спроведува постепено во текот на следните 30 дена за да им се даде време на возачите да се навикнат.
Рим го следи примерот на европските метрополи како Лондон, Брисел, Париз и Хелсинки.
Болоња го воведе ограничувањето во јануари 2024 година. Од тогаш градот бележи пад од 13 проценти во сообраќајните несреќи и намалување на смртните случаи од околу 50 проценти во годината, откако стана првиот голем град во земјата што воведе ограничување на брзината од 30 километри на час.
Врховниот суд на Италија во ноември пресуди дека луѓето што живеат во близина на зафатениот римски кружен пат имаат право на по 10.000 евра надомест за изложеност на прекумерна бучава и загадување. Се очекува пониското ограничување на брзината да ги намали нивоата на бучава за околу два децибели во центарот на Рим, соопштија локалните власти.
Свет
(Видео) Падна уште еден кран на Тајланд, двајца мртви
Две лица загинаа откако градежен кран се урна на автопат во Тајланд, што е втора ваква несреќа за два дена. Само ден претходно, при пад на кран во друг дел од земјата загинаа 32 лица, пишува Би-Би-Си.
Последната несреќа се случила на 15 јануари во Самут Сакон, предградие на Бангкок, каде што кранот се користел за изградба на брза сообраќајница. При уривањето биле смачкани неколку автомобили.
A construction crane collapsed on Rama II Road in Samut Sakhon, Thailand 🇹🇭 (15.01.2026) pic.twitter.com/5HF0FJvkip
— Disaster News (@Top_Disaster) January 15, 2026
Во несреќата од 14 јануари, во провинцијата Након Рачасима, кран паднал врз воз во движење, при што биле повредени повеќе од 60 лица.
Градежните работи на двете локации ги изведувала истата компанија – Italian-Thai Development. Властите најавија истраги, а тајландските државни железници соопштија дека ќе ја тужат компанијата.
Фото: Depositphotos

