Свет
Кремљ: Ќе ги најдеме и казниме Украинците од видеото
Кремљ објави дека ќе ги изведе пред лицето на правдата одговорните за наводните егзекуции на руски воени заробеници во Украина и дека ќе направи сè што може за да го привлече вниманието на „военото злосторство“.
Минатата недела Русија ги обвини украинските војници за егзекуција на повеќе од 10 руски воени затвореници, наведувајќи како доказ видео кое кружи на руските социјални мрежи.
„Нема сомнеж дека самата Русија ќе ги бара сторителите на ова злосторство. Тие мора да бидат пронајдени и казнети“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Потпретседателот на украинската влада за евроинтеграции изјави дека Киев ќе го истражи видеото, но дека е многу малку веројатно тоа да го покаже она што го тврди Москва, пишува „Асошиејтед прес“.
Портпаролот на канцеларијата за човекови права на ОН изјави за „Ројтерс“ дека ја прегледува снимката и повика на итна и целосна истрага за наводите.
Кремљ соопшти и дека е загрижен поради, како што тврди, постојаното гранатирање на нуклеарната централа Запорожје од страна на Украина. Тој ги повика глобалните сили да се погрижат Киев да престане да ја напаѓа најголемата европска нуклеарна централа.
Во неделата украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под руска контрола, беше гранатирана, што предизвика осуда од нуклеарното набљудување на ОН, кое предупреди дека таквите напади ризикуваат голема катастрофа.
„Ги повикуваме сите земји во светот да го искористат своето влијание за украинските вооружени сили да престанат да го прават тоа“, рече Песков.
Украина, од друга страна, ја обвинува Русија за гранатирање на електраната.
Кремљ соопшти дека нема дискусија за вториот круг на мобилизација на руски војници да се борат во Украина.
Русија повика повеќе од 300.000 резервисти да ја поддржат „специјалната воена операција“ во Украина во мобилизацијата во септември.
Овој потег принуди стотици илјади Руси да ја напуштат земјата за да избегнат регрутирање.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ја прекинал мобилизацијата на крајот на октомври, но не го отповикал официјалниот декрет што му дава правна основа да започне нова мобилизација.
„Не можам да зборувам во име на Министерството за одбрана, но за тоа не се разговара во Кремљ“, рече Песков на новинарско прашање дали се планира нова рунда мобилизација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

