Свет
Курц: Планот за задолжителна распределба на азилантите во ЕУ не успеа и нема да функционира
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, тврди дека ЕУ треба да се фокусира на зајакнување на своите надворешни граници и на борбата против шверцерите на луѓе наместо да заживее планот што ќе ги принуди земјите членки да ги населуваат бегалците, пренесува РТ.
ЕУ е подготвена да ја објави новата предлог-политика за азил. Сепак, враќањето на задолжителните квоти за прифаќање мигранти е осудено на неуспех, смета Курц.
„Откриваме дека распределбата на барателите на азил во Европа е неуспешна и многу држави го отфрлаат ова. Нема да функционира вака“, рече Курц за „Франс прес“.
Тој рече дека земјите членки треба да се фокусираат на обезбедување на надворешните граници на ЕУ и наместо тоа, да се борат против шверцерите со мигранти, како и да им помагаат на земјите од каде што доаѓаат бегалците.
„Европската Унија не е само Германија и Франција… малата или средната држава се разбира дека секогаш треба да бара сојузи, а во ЕУ со 27 земји членки може да се наметнуваат идеи само ако има други што ги поддржуваат“, смета тој.
Повеќе од еден милион мигранти пристигнаа во Европа само во 2015 година од Блискиот Исток и од Африка. Брисел се обиде да се справи со приливот на мигранти принудувајќи ја секоја земја членка да прифати и насели одреден број луѓе. Сепак, Австрија и другите помали држави во Централна и Источна Европа, како што се Полска, Унгарија и Чешка, се побунија против оваа шема.
Комесарот за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, вети дека ќе ја измени политиката за азил правејќи ја пофлексибилна. Но, таа истакна дека е потребен заеднички пристап за да се обезбеди олеснување за државите кои се наоѓаат на фронтовската линија на мигрантската криза, како што е Грција.
Таа додаде дека со заедничка политика ќе се реши прашањето за пренатрупани бегалски кампови, како што е озлогласениот логор „Морија“ на грчкиот остров Лезбос, кој беше опустошен од пожари претходно овој месец.
„На сите им е очигледно дека ад хок солидарноста или доброволната солидарност не е доволна. Тоа е докажано веќе многу години. Солидарноста мора да биде задолжителна“, рече Јохансон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

