Свет
Лавров: Западот мора да разбере дека Русија има стратешка иницијатива во војната
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека Западот мора да го прифати фактот дека руските сили ја имаат „стратешката иницијатива“ во војната во Украина, повторувајќи дека ставот на Москва за конфликтот не е променет.
Во интервју за руската државна новинска агенција РИА, Лавров рече дека Русија верува дека добила предност на бојното поле.
„Нашата принципиелна позиција останува непроменета. Стратешката иницијатива е целосно на страната на руската армија и Западот го разбира тоа“, рече тој.
Лавров додаде дека, според него, американската администрација го поддржала предлогот за одржување нови избори во Украина.
„Американската администрација спроведува активна и насочена медијациска работа“, рече тој, осврнувајќи се на контактите и разговорите меѓу Вашингтон и Москва.
Зборувајќи за односите меѓу двете нуклеарни сили, Лавров нагласи дека САД и Русија „носат одговорност за зачувување на меѓународниот мир и безбедност“.
Тој исто така рече дека Москва сè уште чека официјален одговор од Вашингтон на предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за замрзнување на ограничувањата од Новиот СТАРТ договор за нуклеарно оружје. Сепак, предупреди дека не треба да се брза со заклучоци.
„Додека истекува договорот, логично е да ѝ се даде можност на американската страна да спроведе сеопфатна анализа на иницијативата на претседателот Путин за доброволно едногодишно замрзнување на квалитативните ограничувања на Новиот СТАРТ договор“, рече Лавров.
Новиот СТАРТ договор стапи на сила на 5 февруари 2011 година. Со него, Соединетите Американски Држави и Русија ја презедоа обврската да го ограничат стратешкото офанзивно нуклеарно оружје.
Според американскиот Стејт департмент, двете земји ги исполниле клучните обврски до февруари 2018 година и оттогаш се придржуваат до пропишаните ограничувања, кои вклучуваат: до 700 распоредени интерконтинентални балистички ракети, балистички ракети лансирани од подморници и тешки бомбардери со нуклеарно оружје, максимум 1.550 нуклеарни боеви глави на распоредени системи и максимум 800 распоредени и нераспоредени ракетни лансери и тешки бомбардери.
фото/депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Убиен е шефот на иранската армија кој жестоко им се закани на САД пред 5 дена
Иранската државна телевизија објави дека началникот на Генералштабот на вооружените сили Абдолрахим Мусави е убиен во напади врз Иран.
Тој беше меѓу околу 30 клучни лидери на иранскиот режим и воени команданти за кои се тврди дека биле цел на вчерашните заеднички напади на САД и Израел.
Мусави беше тој што пред пет дена им се закани на САД во име на иранските власти, што е најтешката закана дотогаш.
„Ако овој пат направат грешка, ќе им нанесеме големи загуби, бидејќи нашите вооружени сили се решени да се спротивстават на силата што врши заплашување до самиот крај“, рече Мусави.
Фото: depositphotos
Свет
Израел почна широк бран напади врз Техеран, ИДФ тврди дека фрлил над 1.200 парчиња муниција
Израелската војска соопшти дека почнала широк бран напади врз цели на иранскиот режим во срцето на Техеран, во рамки на операцијата наречена „Рик на лавот“.
„Воздухопловните сили, водени од военото разузнавање почнаа широк бран напади врз цели на иранскиот терористички режим во срцето на Техеран“, се наведува во соопштението на армијата. Војската додава дека во текот на изминатиот ден биле спроведени обемни напади со цел да се обезбеди воздушна надмоќ и да се „отвори патот кон Техеран“.
Од Израелските одбранбени сили (ИДФ) информираат дека во последните 24 часа израелски борбени авиони фрлиле повеќе од 1.200 парчиња муниција врз Иран. Според ИДФ, биле погодени стотици ирански воени цели, вклучувајќи лансери на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, трет круг сирени за тревога поради проектили се огласил на северот на Израел. Силни детонации биле слушнати и во подрачјето на Ерусалим, но засега нема информации за повредени или материјална штета.
Нови сирени се огласиле во регионот на Ерусалим, како и низ Тел Авив и други градови во централниот дел на земјата, по предупредувања за дојдовен ракетен напад од Иран.
Свет
Иран тврди дека нападнал 27 американски објекти на Блискиот Исток
Во услови на континуирана размена на ракетни напади на Блискиот Исток, Иран соопшти дека гаѓал во 27 американски воени локации во регионот. Иранската револуционерна гарда наведе дека цел биле и израелската воздухопловна база Тел Ноф, воено седиште и голем одбранбен комплекс во Тел Авив.
Според ИРГЦ, станува збор за шести „бран“ одмазднички напади во кои биле користени ракети и дронови. Гарда порача дека ќе продолжи со воените дејствија, но овие тврдења не се независно потврдени.
„Вооружените сили на Исламската Република Иран нема да дозволат да замолкнат сирените за воздушна опасност на окупираните територии и во американските бази. Ќе продолжиме со повторени и болни удари, што претставува нов и многу тежок чекор на одмазда“, се наведува во соопштението што го пренесуваат државните медиуми ИРИБ.
Фото: depositphotos

