Свет
„Лекари без граници“: Израелците го блокираа влезот во болницата, две лица настрадаа
Меѓународниот претседател на организацијата „Лекари без граници“, Христос Кристоу, изјави дека двајца Палестинци умреле кога израелски воени возила го блокирале влезот во болницата во Џенин не дозволувајќи им пристап на пациентите.
„Два часа не можевме да им помогнеме на луѓето и тие не можеа да стигнат до нас бидејќи израелските воени возила ги блокираа влезот во болницата и патот спречувајќи минување амбулантни возила. Двајца Палестинци починаа од повредите бидејќи брзата помош не можеше да стигне до нив“, напиша Кристоу на социјалните мрежи, како што објави Си-ен-ен.
Кристоу рече дека бил во посета на тим на „Лекари без граници“ во болницата „Калил Сулејман“ во Џенин на окупираниот Западен Брег кога израелската армија извршила рација во бегалскиот камп „Џенин“.
„Ова мора да престане. Пациентите треба да имаат пристап до здравствена заштита во секое време. Нема ништо полошо за лекарот од тоа да не може да им помогне на оние на кои им е потребна медицинска нега“, рече тој.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) вчера соопштија дека во Џенин траат судирите.
„ИДФ спроведува контратерористички активности во областа“, соопшти ИДФ, додавајќи дека нема да дава дополнителни детали додека не завршат операциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ушаков: Франција и Велика Британија сакаат да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје
Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека Русија е запознаена со плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за производство на такво оружје.
„Американците, секако, ќе бидат информирани за сè, но тие веќе знаат. Во моментов ова се коментира на сите канали. Ние ќе им го кажеме тоа конкретно“, изјави Ушаков за телевизискиот канал „Росија 1“ и додаде дека плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за негово производство ќе влијаат врз ставот на Русија за решавањето на украинскиот конфликт, пренесуваат „Интерфакс“ и „Танјуг“.
Претходно денеска, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, на својот профил на „Икс“ објави дека употребата на руско нуклеарно оружје против цели во Украина, како и нуклеарни удари врз Велика Британија и Франција, би биле легални и оправдани доколку Лондон и Париз му предадат нуклеарна технологија на Киев.
Свет
Ројтерс: Иран блиску до договор со Кина за ракети кои наводно се способни да потопат носач на авиони
Иран е блиску до склучување договор со Кина за набавка на противбродски крстосувачки ракети CM-302, во момент кога САД распоредуваат значителни поморски сили во близина на иранскиот брег, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на шест извори запознаени со преговорите.
Според извештајот, договорот е речиси финализиран, но датумот на испорака сè уште не е утврден. Станува збор за супeрсонични ракети со дострел од околу 290 километри, дизајнирани да избегнуваат бродска одбрана со лет на мала висина и голема брзина.
Експерти за вооружување оценуваат дека нивното воведување би ги засилило иранските напаѓачки способности и би претставувало сериозна закана за американските поморски сили во регионот. Поранешен израелски разузнавач изјавил дека таквата способност „целосно би ги променила правилата на игра“.
Преговорите со Кина започнале пред две години, но се забрзале по минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран, наведуваат изворите. Во меѓувреме, САД распоредуваат носачи на авиони, вклучително и USS Abraham Lincoln и USS Gerald R. Ford, во близина на Иран.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопштило дека не е запознаено со преговорите за продажба на ракети, додека Белата куќа не дала директен коментар. Американскиот претседател, Доналд Трамп, му дал рок на Иран за договор околу нуклеарната програма, во спротивно се заканил со „драстични мерки“.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.

