Свет
Лекар од Белата куќа: Трамп е целосно способен да биде претседател
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, е целосно способен да ги извршува должностите, се вели во соопштението што Белата куќа го објави денеска, по редовниот годишен лекарски преглед на Трамп.
Во белешката се наведуваат резултатите од лабораториските тестови, физичките прегледи и когнитивниот тест и се заклучува дека Трамп се уште е во одлично здравје.
Според извештајот, Трамп тежи околу 101,6 килограми и е висок 190,5 сантиметри. Во мирување, пулсот му е 62 отчукувања во минута, а крвниот притисок е 128/74 mmHg.
Трамп постигна 30 од 30 на тестот за когнитивна проценка во Монтреал, се вели во белешката.
Испитувањата на различни телесни системи беа нормални, вклучувајќи ги очите, главата, ушите, носот и грлото. Лекарот забележал лузна на десното уво, резултат на обид за атентат во Пенсилванија минатата година.
„Претседателот има силна кардиолошка, пулмонална, невролошка и општа функција на телото“, напиша д-р Шон Барбабела.
„Неговиот активен животен стил значително придонесува за здравјето“.
Како доказ за тој начин на живот, Барбабела го наведува учеството на Трамп на состаноци, јавни настапи и „честите победи на турнирите во голф“.
Барбабела исто така изјави дека колоноскопијата минатото лето покажала дека претседателот има дивертикулитис, воспаление предизвикано од формирање на мали кесички (дивертикули) во ѕидот на дебелото црево. Иако често нема симптоми, дивертикулитисот може да предизвика непријатност и повремено крварење.
Во документот се наведува и дека Трамп претходно имал операција на катаракта, но не е прецизирано кога.
„Претседателот Трамп демонстрира одлично когнитивно и физичко здравје и е целосно способен да ги извршува должностите на врховен командант и шеф на државата“, се заклучува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел почна широк бран напади врз Техеран, ИДФ тврди дека фрлил над 1.200 парчиња муниција
Израелската војска соопшти дека почнала широк бран напади врз цели на иранскиот режим во срцето на Техеран, во рамки на операцијата наречена „Рик на лавот“.
„Воздухопловните сили, водени од военото разузнавање почнаа широк бран напади врз цели на иранскиот терористички режим во срцето на Техеран“, се наведува во соопштението на армијата. Војската додава дека во текот на изминатиот ден биле спроведени обемни напади со цел да се обезбеди воздушна надмоќ и да се „отвори патот кон Техеран“.
Од Израелските одбранбени сили (ИДФ) информираат дека во последните 24 часа израелски борбени авиони фрлиле повеќе од 1.200 парчиња муниција врз Иран. Според ИДФ, биле погодени стотици ирански воени цели, вклучувајќи лансери на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, трет круг сирени за тревога поради проектили се огласил на северот на Израел. Силни детонации биле слушнати и во подрачјето на Ерусалим, но засега нема информации за повредени или материјална штета.
Нови сирени се огласиле во регионот на Ерусалим, како и низ Тел Авив и други градови во централниот дел на земјата, по предупредувања за дојдовен ракетен напад од Иран.
Свет
Иран тврди дека нападнал 27 американски објекти на Блискиот Исток
Во услови на континуирана размена на ракетни напади на Блискиот Исток, Иран соопшти дека гаѓал во 27 американски воени локации во регионот. Иранската револуционерна гарда наведе дека цел биле и израелската воздухопловна база Тел Ноф, воено седиште и голем одбранбен комплекс во Тел Авив.
Според ИРГЦ, станува збор за шести „бран“ одмазднички напади во кои биле користени ракети и дронови. Гарда порача дека ќе продолжи со воените дејствија, но овие тврдења не се независно потврдени.
„Вооружените сили на Исламската Република Иран нема да дозволат да замолкнат сирените за воздушна опасност на окупираните територии и во американските бази. Ќе продолжиме со повторени и болни удари, што претставува нов и многу тежок чекор на одмазда“, се наведува во соопштението што го пренесуваат државните медиуми ИРИБ.
Фото: depositphotos
Свет
Кој е Али Ларијани, човекот што ја презема лидерската функција во Иран?
Иранскиот политички ветеран Али Ларијани во неделата соопшти дека ќе се воспостави привремено раководство откако во воздушен напад беше убиен врховниот водач ајатолах Али Хамнеи, пренесе Ројтерс. Ларијани минатата година повторно се издигна како една од највлијателните фигури во безбедносната структура на Иран.
Тој раководел со широк спектар прашања – од нуклеарните преговори и регионалните односи, до одговорот на властите на внатрешните немири. Во август беше именуван за секретар на Врховниот совет за национална безбедност, функција што ја извршувал и претходно.
Како близок соработник на Хамнеи, Ларијани учествувал во подготовките за индиректни нуклеарни разговори со САД во Оман, а во изминатите месеци повеќепати патувал и во Москва на средби со руското раководство. Тој зазема прагматичен тон за нуклеарното прашање, наведувајќи дека загриженоста на САД може да се реши, но истовремено истакнал дека иранската нуклеарна технологија „не може да се уништи“.
САД во јануари му воведоа санкции, обвинувајќи го дека имал водечка улога во задушувањето на антивладините протести. Американското Министерство за финансии соопшти дека Ларијани повикал на насилен одговор против демонстрантите, додека организациите за човекови права наведуваат дека во пресметките биле убиени илјадници лица.
Ларијани бил претседател на парламентот од 2008 до 2020 година и важи за влијателна фигура која одржува односи со различни фракции во системот. Роден е во 1958 година во Наџаф, во угледно клерикално семејство, а докторирал филозофија во Иран.
Фото: ЕПА

