Свет
Ленин Морено: Асанж повеќекратно ги прекрши условите за азил
Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, во вторникот обвини дека основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, постојано ги крши условите за неговиот азил во Амбасадата на Еквадор во Лондон, пренесува „Брејтбарт“.
„Ние треба да се погрижиме животот на Асанж да не е загрозен, но тој многупати го прекрши договорот што го имаме со него”, рече Морено во интервјуто за Асоцијацијата на еквадорски радиодифузери.
Морено, навестувајќи дека Асанж направил погрешни работи, повеќепати нагласи дека Асанж нема право да хакира приватни сметки или телефони ниту, пак, му е дозволено да се меша во политиката на другите земји, особено оние со кои Еквадор има силни врски.
Асанж живее во амбасадата на Еквадор речиси седум години.
Забелешките на Морено откако на социјалните мрежи беа објавени стари фотографии од него и неговото семејство, а иако еквадорскиот претседател не го посочи директно Асанж како виновникот за хакирањето, владините претставници ги обвинија „Викиликс“ за објавувањето на фотографиите од времето кога Морено живеел во Европа.
Во твит во вторникот „Викиликс“ рече дека Морено најавил оти наскоро ќе донесе одлука за справување со ситуацијата на Асанж.
„Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, изјави дека Асанж ги прекршил условите за својот азил и дека набрзо ќе донесе одлука откако ‘Викиликс’ објави за постоењето на офшор корупцискиот скандал #INAPapers кој ја разбранува неговата влада”, пишува „Викиликс“.
Морено не ги коментираше можните наредни чекори за иселување на Асанж од амбасадата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж е застрелан откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида
Mаж е убиен откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида, објави Скај њуз.
Како што објавија разузнавачките служби, мажот на околу 20-годишна возраст бил застрелан околу 1:30 часот наутро.
Идентитетот на осомничениот сè уште е непознат, а обезбедувањето го забележало човекот на северната порта од имотот.
Носел оружје кое личело на пушка и канта со гориво.
Ниеден агент не е повреден.
Во тек се истраги за идентитетот на човекот и неговиот мотив за делото.
Иако Трамп често го поминува викендот на својот имот, во моментот на инцидентот тој бил во Белата куќа, во Вашингтон, а со него била и сопругата Меланија Трамп.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.

