Свет
Лидерите на ЕУ на самитот во Рим бараат решение за обнова на Украина
Стравот дека Украина би можела да се согласи да изгуби територија во замена за мир фрли сенка врз состанокот на лидерите во Рим посветен на обновата на земјата разурната од војна, пишува „Гардијан“.
Четвртата меѓународна конференција за реконструкцијата на Украина ги собра претседателот Володимир Зеленски, германскиот канцелар – Фридрих Мерц, италијанската премиерка – Џорџа Мелони и полскиот премиер – Доналд Туск. Но, сè беше засенето од ескалацијата на руските напади со беспилотни летала и растечката загриженост за можен територијален компромис.
„Само неколку часа пред почетокот на конференцијата Киев повторно беше под силен напад“, рече Зеленски.
„Русија јасно се подготви за нашиот состанок“. Канцеларот Мерц ги осуди нападите нарекувајќи ги „тероризам против цивили“. „Наша должност е да го зголемиме притисокот врз Путин и да го вратиме на преговарачката маса“, додаде тој.
Според анализата на италијанскиот тинк-тенк ИСПИ, Русија би можела да сноси повеќе од една третина од трошоците за реконструкција, односно речиси 188 милијарди долари ако Украина изгуби четири региони: Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Овие региони го формираат јадрото на сегашните борби, а нивното трајно префрлање на Русија се споменува сè повеќе како можен дел од мировниот договор. Киев сè уште не го прифатил ова сценарио.
Вкупната проценета цена на десетгодишната реконструкција на Украина е 524 милијарди долари. Светската банка проценува дека 66 отсто од директната воена штета се однесува на петте најтешко погодени области – вклучувајќи го и Харков.
Станбениот сектор (57 милијарди долари), транспортот (36 милијарди долари) и енергетиката (20 милијарди долари) го носат најголемиот товар. Штетата на енергетската инфраструктура во последната година е зголемена 93 отсто.
Продолжувањето на нападите со руски беспилотни летала го прошири фронтот кон регионите Днепарк и Сум, дополнително влијаејќи на економијата. Инфлацијата достигна 15 отсто, а прогнозите за раст беа намалени за 4,5-процентни поени – на само 2 отсто.
„Стотици експерти, нула конкретни решенија. Ни треба постојано тело, кое ќе управува со инвестициите во приватниот сектор“, рече поранешниот американски пратеник во Украина, Курт Волкер, кој остро ги критикува претходните конференции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

