Свет
Лидерот на италијанската левица го преживеа гласањето доверба по поразот на изборите во ЕУ
Италијанскиот вицепремиер Луиџи ди Мајо го преживеа гласањето доверба за неговата лидерска позиција во партијата откако ја понуди својата оставка по катастрофалниот изборен резултат на изборите за Европскиот парламент минатиот викенд, пренесува „Ил џорнале“.
Членовите на Движењето за пет ѕвезди (M5С) беа повикани да гласаат за продолжување на лидерската позиција на Ди Мајо во четвртокот на веб-страницата на движењето, позната како „Русо“, по што гласаа 56.127 члена, а левичарскиот популист доби поддршка од 80 отсто од нив.
По гласањето, движењето напиша на нивната веб-страница: Денеска „Русо“ беше една од најубавите страници во историјата на директната демократија на Движењето Пет ѕвезди”.
M5С, исто така, го пофали рекордното учество во онлајн гласањето кое исто така е светски рекорд за онлајн гласање за политичка сила во еден ден .
Пред гласањето, „Ил џорнале” објави дека членовите на М5С биле шокирани дека нивните резултати на европските избори минатиот викенд биле дури и пониски отколку што претходно се предвидувало. Ди Мајо ја понуди својата оставка како лидер на движењето по катастрофалниот резултат.
Некои го обвинија Ди Мајо, кој е лидер на ДМ5С, вицепремиер и министер за труд, дека презел премногу работни места одеднаш. И покрај критиките, основачот на M5С, Бепе Грило, излезе во одбрана на Ди Мајо, велејќи:
„Луиџи не сторил криминал, тој не е вклучен во никаков скандал и мора да остане на лидерската позиција”, додаде Грило.
И покрај добивањето на довербата, Ди Мајо сé уште се соочува со анкетите кои многу го поддржуваат неговиот коалициски партнер Матео Салвини и неговата десничарска партија Лига, која победи на европските избори. Салвини јасно стави до знаење дека ќе го искористи моментумот на изборната победа за да изврши притисок за сопствени домашни политики, многу од кои М5С претходно ги отфрли.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“
Свет
Гувернерот на Калифорнија: Трамп е привремен, ќе замине за три години
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, жестоко го критикуваше Доналд Трамп, нарекувајќи го „најразорниот претседател“ во историјата на САД и обвинувајќи го дека „сѐ подлабоко тоне во глупост“.
„Никогаш во историјата на САД немало поразорен претседател од сегашниот жител на Белата куќа“, рече Њусом.
Тој смета дека Трамп „се обидува да нѐ врати во 19 век“, додека, како што истакна, Калифорнија успешно покажува дека може да спроведува политики, да се натпреварува и да доминира.
„Ако денес не запомните ништо друго, запомнете го ова: Доналд Трамп е привремен. Ќе замине за три години“, рече Њусом.
Коментирајќи ја климатската криза, тој нагласи дека таа директно ги погодува Американците: „Луѓето горат, се гушат и се варат од горештини; истовремено имаме суши и поплави, како и историски шумски пожари.“
Тој додаде дека во Калифорнија ова прашање одамна ги надминало партиските поделби:
„Калифорнија е голема сина држава, но тука живеат повеќе републиканци отколку во многу републикански држави. Ние одамна сме над партиските поделби, бидејќи нема републикански или демократски термометар. Постојат само реални температури.“
Инаку, Њусом се споменува како можен кандидат на демократите за претседателските избори во 2028 година.
Свет
Данската премиерка: Европа мора да се вооружа со сила и одлучност
Европа мора да се вооружа со сила и одлучност за да се соочи со новиот глобален „неред“, порача данската премиерка Мете Фредериксен на почетокот на дипломатската иницијатива на Минхенската безбедносна конференција.
Голем дел од вниманието на овој важен собир е насочен токму кон Данска и нејзината делегација, а значењето на присуството на Фредериксен беше потврдено и од германскиот политичар Фридрих Мерц, кој во својот говор експлицитно ја спомена Фредериксен и поддршката што ѝ ја дава Европа.
Премиерката пристигна во Минхен во придружба на министрите за надворешни работи и одбрана, а конференцијата претставува прва значајна можност за директни разговори со претставници на САД и други партнери по дипломатската криза предизвикана од спорот околу Гренланд.
Во рамки на дипломатските активности, најавен е и состанок меѓу Фредериксен и американскиот државен секретар Марко Рубио, а една од клучните теми ќе биде токму прашањето за Гренланд.

