Свет
Лидерот на шпанската партија Вокс вели дека ќе ги забрани сепаратистичките партии
Сантјаго Абаскал, лидерот на популистичката шпанска партија Вокс, вети дека ќе забрани сепаратистички партии во Каталонија фалејќи ја притоа шпанската монархија, пренесува „Брејтбарт Лондон“.
Абаскал смета дека трите главни гранки на шпанската влада не успеале да се изборат против подемот на каталонскиот сепаратизам и рече дека ниту една партија, освен Вокс, не се борела против сепаратистичкото движење.
„Шпанија е во критичен момент кога трите сили не успеаја: извршната власт зашто е во сојуз со истите оние што сакаат да ја уништат Шпанија, законодавниот дом зашто со својата неактивност им овозможи на сепаратистите да стигнат до оваа точка и судството затоа што донесе пресуда по мерка на владејачката партија и нејзините сепаратистички партнери “, рече тој.
Иако критичен кон трите гранки на владата, Абаскал ја пофали шпанската круна на чело со кралот Фелипе Шести велејќи:
„Единствената институција што живеела низ историските моменти на Шпанија и единствената што ги исполнила своите обврски кон шпанскиот народ е круната“.
Абаскал додаде дека Вокс ќе бара да се воведе вонредна состојба според членот 116 од шпанскиот Устав за враќање на редот и уставната законитост во Каталонија.
„Кога ќе се врати уставниот поредок, ќе продолжиме да бараме забрана на сепаратистичките партии“, рече тој.
Абаскал ја коментира и групата „Демократско цунами“, која е под истрага на шпанските власти и која неодамна дистрибуира лажни бординг-пасови на аеродромот „Ел Прат“ за да го наруши воздушниот сообраќај.
„Групата ‘Демократско цунами’ е нова алатка на сепаратизмот за дестабилизација на Шпанија преку насилни дејства насочени кон рушење на нашата татковина и потчинување на луѓето од Каталонија“, рече тој. „Каталонските олигарси охрабруваат насилни групи да создадат хаос со општ благослов“, додаде тој.
Групата е споредувана со демонстрантите во Хонгконг поради нивната децентрализирана природа.
„Јутјуб“ го избриша каналот на Вокс, што, најверојатно, ќе ги заостри тврдењата дека „Гугл“ активно го потиснува ширењето на десничарските и конзервативните содржини. Вокс забележа раст во популарноста освојувајќи 11 отсто од гласовите на минатогодишните регионални избори во Андалузија.
Во април партијата првпат влезе во шпанскиот национален парламент. Поради немање договор за коалиција, Шпанија се соочува со уште едни избори во ноември. Една неодамнешна анкета покажува дека Вокс има поддршка од 10 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Уапсен уште еден осомничен за терористичкиот напад во Москва
Уште едно лице е уапсено во врска со терористичкиот напад на градското собрание Крокус во Москва на 22 март, соопшти денеска за „ТАСС“ портпаролот на полицијата.
„Уапсен е уште еден потенцијален осомничен во случајот со терористичкиот напад на Крокус. Инспекторите ја испитуваат неговата улога во тој напад“, изјави претставник на полицијата.
Полицијата уапсила државјанин на Таџикистан. Досега во врска со случајот се уапсени 11 лица, меѓу кои и четворица извршители на нападот.
Според последните податоци, во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва загинале 145 лица.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.