Свет
Лидер на шведска партија: Вооруженото насилство е екстремно за земја што не е во војна
Лидерот на шведските Модерати, Улф Кристерсон, жестоко го осуди вооруженото насилство во земјата во време кога премиерот Стефан Лефвен вети нови мерки за справување со криминалот на бандите, објави шведскиот радиодифузер СВТ.
Кристерсон реагираше по трите престрелки во текот на викендот во шведскиот главен град Стокхолм, велејќи дека сегашната ситуација во земјата е екстремна за земја што не е во војна.
Матс Лефвинг, шеф на националниот оперативен оддел на полицијата „Ноа“, коментираше за вооруженото насилство оваа година велејќи:
„Развојот на настаните е неприфатлив. Во многу случаи се користи воено автоматско оружје. Гледаме намалување на бројот на повредени при насилствата со огнено оружје, но бројот на убиствата не се намалува”, вели тој.
Досега годинава во регионот на Стокхолм се забележани 11 смртни случаи како резултат на престрелките. Минатата година Шведска забележа рекорден број жртви на вооружено насилство, а шведскиот полициски специјалист Гунар Апелгренј во декември минатата година даде слични коментари на Кристерсон, наведувајќи дека Шведска е како во воена состојба.
Во вторникот министерот за внатрешни работи, Микаел Дамберг, презентираше неколку нови предлози за борба против вооруженото насилство, вклучувајќи построги казни за незаконско поседување експлозивни материи и нови овластувања за царинските службеници да ги блокираат пакетите за кои постои сомневање дека содржат оружје или експлозиви.
Шведскиот национален форензички центар објави претходно годинава дека бројот на фатални престрелки и обиди за убиства низ целата земја се зголемил двојно од 2012 година и дека дел од вината за тоа лежи во достапноста на нелегалното оружје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.
Свет
(Видео) Лавина во Калифорнија: Осум скијачи загинаа, еден е исчезнат
Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во една од најсмртоносните вакви несреќи во историјата на САД. Спасувачите извлекоа шест преживеани по снежната бура што фрли неколку метри нов снег во Сиера во последните денови.
Лавината се случи во 11:30 часот наутро во близина на Касл Пик во Траки, Калифорнија, 15 километри северно од езерото Тахо, и затрупа група скијачи.
Преживеаните се засолниле под церади и комуницирале со спасувачите преку радио и СМС-пораки. Скијачите завршувале тридневно патување со водич. Во групата имало 11 од нив и тие престојувале во колиби на надморска височина од 2300 метри.
Сиера Невада добива повеќе од 9 метри снег во типична зима, што ја прави едно од најснежните места на западната хемисфера. Во текот на изминатите десет години, лавините во САД убиле просечно 27 луѓе годишно, според Центарот за лавини во Колорадо.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.

