Свет
Заразен со коронавирус во Чикаго инфицирал 15 лица, прво бил на погреб, а потоа на роденденска забава
Жител на Чикаго бил на погреб за да им изрази сочувство на пријателите. Три дена подоцна бил на роденденска прослава со сопственото семејство и роднини.
Човекот, кој не бил свесен дека е заболен од Ковид-19, покренал синџир на пренесување на вирусот заразувајќи вкупно 15 лица, а тројца починале, објави американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Сè започнало кога примарниот носител на вирусот вечерта пред погребот бил да јаде со двајца пријатели, при што јаделе од заеднички порции нарачани за надвор.
За време на вечерата, што траеше околу три часа и погребот, кој траел околу два часа и на кој луѓето носеле своја храна од дома, примарниот носител изразил сочувство прегрнувајќи четири лица, меѓу кои и двајца со кои бил на јадење.
Во текот на следните два до шест дена три лица развиле симптоми на Ковид-19, меѓу кои и еден кој бил хоспитализиран и починал еден месец подоцна.
Другите двајца не завршиле во болница и закрепнале.
Пациентот, пред да почине, бил посетен на одделот за интензивна нега од страна на член на семејството, кој на погребот имал контакт со примарниот носител на вирусот.
Посетителот, кој не носел заштитна маска во болницата, подоцна развил кашлица и треска, но закрепнал.
Три дена по погребот, примарниот носител на вирус отишол на роденденска забава со девет члена на неговото семејство и бил во близок контакт со сите гости во наредните три часа.
Седуммина од нив добиле симптоми на Ковид-19 во рок од три до седум дена од роденденот. Двајца кои завршиле во болница поради сериозноста на болеста починале.
Две лица кои се грижеле за еден од двајцата починати, исто така, развиле симптоми на Ковид-19. Тоа бил член на семејството и професионален негувател кој немал врска со семејството.
Еден од членовите на семејството на примарниот носител веројатно заразил друг роднина кој не присуствувал на прославата на роденденот.
Тројца гости на роденденот кои имале симптоми, шестиот ден од почетокот на симптомите отишле во црквата, каде најверојатно заразиле еден здравствен работник, кој истовремено бил во црквата.
Тој здравствен професионалец седел близу нив и разговарал со нив околу 90 минути.
Според ЦДЦ, заразените биле на возраст меѓу пет и 86 години.
Во американската држава Илиноис, каде што Чикаго е најголемиот град, ограничувањата беа воведени на 21 март, како и во многу други делови на Соединетите Држави.
Овој случај е јасен пример за тоа колку е значајно придржувањето кон препораките за социјална оддалеченост и забрана на движење, посочува ЦДЦ, бидејќи е детално утврдено дека само едно лице заразило толку многу луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

