Свет
Лукашенко тврди дека бил намерно заразен со Ковид-19

Неколку дена по загадочната објава дека се бори против Ковид-19, без да ја напушти функцијата, белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави за украински новинар дека некој намерно го заразил со вирусот, пренесува РТ.
Необичното тврдење се појави во 2,5-часовното интервју што Лукашенко му го даде на популарниот украински новинар Дмитриј Гордон.
„Веруваме дека некој намерно ме заразил со коронавирусот. Сега анализирам кога можело да се случи тоа“, рече Лукашенко и додаде дека засега нема да ги именува јавно неговите сомнежи.
Лукашенко откри дека ги игнорирал молбите на лекарите да се подложат на третман кога биле откриени знаци на коронавирус на неговите прегледи и продолжил со вообичаените активности. Тој тврди дека лекарите го вратиле на нозе за четири дена.
Лукашенко претходно изјави за медиумите дека имал асимптоматски случај на Ковид-19 и успешно закрепнал.
Во истото интервју претседателот драматично рече: „Тие може да ме убијат, но јас никогаш нема да избегам (од Белорусија)“.
Лукашенко во моментот се бори за шестиот мандат како претседател во услови на домашни превирања. Двајца од опозициските фигури што му беа противкандидати во моментот се наоѓаат во затвор, а трет избегал од земјата тврдејќи дека стравува за својата слобода. Белорусија посведочи и на најголемиот антивладин протест во последната деценија пред гласањето закажано за недела.
Долгогодишниот претседател во повеќе наврати тврдеше дека неговите противници спроведуваат план да го соборат на сила со поддршка од странска моќ. Наративот неодамна беше засилен со апсење луѓе за кои белоруските власти тврдат дека се руски платеници, а чија задача била да ја дестабилизираат нацијата пред изборите. Апсењето е едно од неколкуте сериозни точки во односите Москва – Минск во моментот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан: Штета е што Фон дер Лајен мора да се грижи, листата на недостатоци на ЕУ им е позната на сите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека е штета што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, морала да се грижи и да се бори додека ја презентирала состојбата на ЕУ во својот годишен говор до нацијата бидејќи листата на слабости на Унијата им е позната на сите.
„Урсула фон дер Лајен денес ја оценува состојбата на Унијата. Штета е што мора да се грижи“, напиша Орбан на својата страница на социјалните мрежи, објавува унгарски „Немзет“.
Тој додаде дека листата на недостатоци им е позната на сите – бавна економија, влошување на конкурентноста, миграциска криза и насилство, изгубена војна, бесмислена зелена политика.
„Народите на Европа се презаситени од ова. Затоа патриотските сили стануваат посилни во цела Европа. Затоа француската влада постојано пропаѓа, затоа Навроцки победи во Полска и затоа Андреј Бабиш ќе победи во Чешка“, напиша Орбан на „Фејсбук“ со забелешка дека „срамно е што Урсула фон дер Лајен мора да страда“, пренесува „Танјуг“.
Денес, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го одржа својот годишен говор до нацијата во Европскиот парламент, прв во нејзиниот втор мандат, и изјави дека само обединета и повторно обединета Европа може да биде независна Европа, дека поголема и посилна Унија е гаранција за безбедноста на сите и дека иднината на Западен Балкан, Украина и на Молдавија е во ЕУ.
Фото: принтскрин
Свет
Британскиот премиер: Упадот со руски беспилотни летала во Полска е исклучително загрижувачки

Британскиот премиер Кир Стармер утрово остро го осуди рускиот упад во полскиот воздушен простор нарекувајќи го екстремно загрижувачки.
Стармер го опиша нападот врз Украина како варварски и додаде дека тоа е грубо неодговорен потег на Русија што само го потврдува очигледното непочитување на мирот од страна на Путин и континуираното бомбардирање невини Украинци.
Тој рече дека разговарал со полскиот премиер Доналд Туск за јасно да ја стави до знаење поддршката на Обединетото Кралство. „Искрено сум им благодарен на НАТО и на полските сили, кои бргу реагираа за да ја заштитат алијансата“, рече Стармер.
Тој додаде дека Велика Британија, заедно со партнерите и преку раководството на коалицијата на волјата, ќе продолжи да го зголемува притисокот врз Путин сè додека не се постигне праведен и траен мир.
Фото: принтскрин
Регион
Трагедија на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград: маж почина штом слета од Тунис

Вистинска драма се одвивала синоќа, еден час по полноќ, на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, кога на патникот Н. Л. (64) му се слошило штом неговиот авион слетал од Тунис.
Според информациите објавени од „Блиц“, лекарите на аеродромот „Никола Тесла“ веднаш му укажале помош, но човекот не можел да се спаси.
Неговата сопруга била до него цело време. Таа, неофицијално, изјавила дека на нејзиниот сопруг му се слошило штом излегол од авионот. Лекарите итно реагирале, но и покрај нивните напори, немало начин да се спаси.
За случајот било известено Вишото јавно обвинителство, кое нареди обдукција на телото на мажот, објавија српските медиуми.