Свет
Мадуро: Господа од ЕУ, нема да се согласиме на компромис и дијалог
 
																								
												
												
											Каракас никогаш повеќе нема да се согласи на компромиси или дијалог со ЕУ, доколку Унијата не ја промени својата политика за санкции, рече претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.
Тој потсети дека ЕУ воведе санкции против опозицијата која учествуваше на изборите, против судството и вооружените сили.
„Тие се мешаат во внатрешните работи и тогаш што очекуваат? Дека ќе им се заблагодариме што нè нападнаа? Не. Баравме дијалог и беа преземени важни чекори за обновување на дијалогот. Но, на тој начин – не – или ќе ја смените позицијата или никогаш повеќе нема да има договор и дијалог со вас господа од Европската Унија. Да знаете дека Венецуела знае како да одговори на заканите, без разлика од каде доаѓаат“, заклучи Мадуро.
Претходно, ЕУ го прошири списокот со санкции за Венецуела со високи воени претставници, членови на Националниот изборен совет и член на новиот парламент.
Новите санкции беа воведени „заради нивната улога во акциите и решенијата што ги поткопуваат демократијата и владеењето на правото во земјата, како и за сериозни повреди на човековите права“.
Како одговор, Венецуела го прогласи шефот на дипломатската мисија на ЕУ во земјата за персона нон грата и му даде 72 часа да ја напушти земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Свет
Украина ги отфрли тврдењата на Русија: „Путин не бара мир, туку начини за продолжување на војната“
 
														Украина во петокот ги отфрли руските тврдења дека ги блокира мировните преговори, велејќи дека Москва „не покажува намера да ја заврши војната“.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георги Тихи, изјави дека украинските претставници патувале во Истанбул неколку пати оваа година на директни разговори со нивните руски колеги.
„За жал, она што го видоа таму беше група лица од понизок ранг кои повторуваа стари ултиматуми и немаа никакво овластување да решаваат проблеми“, рече Тихи.
„Причината е едноставна: Путин не бара мир, тој бара начини за продолжување на војната“.
Одговарајќи на изјавите на рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галузин, кој рече дека Москва е подготвена за директни преговори, но дека на Киев му недостасува „политичка волја“, Тихи му порача на Кремљ да ја прекине својата агресија.
„Кажете му на вашиот шеф да ја запре војната. Кога ќе биде подготвен – можеме да одржиме состанок на лидерите и да се договориме за прекин на огнот“, нагласи тој.
Турција годинава беше домаќин на најмалку три рунди обновени разговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, што доведоа до размена на затвореници и потпишување на меморандуми за визија за прекин на конфликтот.
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп подоцна се сретнаа во Алјаска на 15 август, додека планираниот нов самит во Будимпешта беше откажан.
Додека Украина и Европската Унија, со поддршка на Соединетите Американски Држави, инсистираат на прекин на огнот пред какви било суштински преговори, Русија тврди дека „прво треба да се решат причините за конфликтот што трае од 2022 година“.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан: Европа се движи кон војна
 
														Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати остри обвинувања против европските лидери во интервју за радио Кошут, тврдејќи дека „Европа сака војна“ и „си игра со оган“. Според него, светот е на почетокот на нова трка во вооружување, а Европа, наместо да се стреми кон мир, се „движи“ кон конфликт, објавува унгарскиот 24.hu.
Орбан ја спореди сегашната безбедносна состојба со периодите што претходеа на светските војни. „Ако бараме модели од минатото, се појавуваат две аналогии: едната е периодот пред Втората светска војна, кога Хитлер напредуваше и никој немаше храброст да го запре на време; а другата беше пресрет на Првата светска војна, кога сите навистина сакаа нешто, но никој не сакаше голема војна, а потоа сепак се случи“, рече тој, изедначувајќи ја денешната ситуација со онаа во пресрет на Првата светска војна.
Тој особено ги критикуваше европските лидери за нивните изјави. „Се изговараат реченици што не би верувале. На состаноците на високо ниво се зборува за вооружување на Германија или кога Урсула фон дер Лајен вели дека мора да бидеме подготвени за војна во рок од пет години“, предупреди Орбан, нагласувајќи дека Унгарија мора да застане на страната на мирот.
Унгарскиот премиер тврди дека, покрај европските лидери, само Украинците сакаат војна, што тој го смета за разбирливо бидејќи тие водат патриотска војна. Од друга страна, тој нагласува дека Америка не сака војна. „Европа сака војна, иако Русите веќе стигнаа до точката да прифатат прекин на огнот“, нагласи тој, додавајќи дека секој што верува во можноста за воена победа во Украина греши.
Според него, единствената голема сила што сака мир се Соединетите Американски Држави, а тој ја гледа таканаречената „Коалиција на волјата“ како пречка за мировните напори. „Тие се подготвени да испратат други во војна во која ќе умрат, бидејќи секако тоа нема да функционира“, рече тој.
Орбан додаде дека се надева на победа на американската, миротворна позиција во дебатата со Европа, истакнувајќи дека и Ватикан сака мир и дека во Европа се формираат влади кои се залагаат за мир, како оние во Словачка и Чешка.
Орбан се осврна и на претстојната средба со Доналд Трамп, закажана за 7 ноември во Вашингтон. Тој изјави дека мирот ќе биде една од клучните теми, но ќе се дискутираат и економски прашања и соработка.
Како одговор на сугестијата на новинар дека унгарско-американските односи се нарушени поради енергијата, или повикот на Вашингтон, Унгарија да се ослободи од зависноста од руските енергетски производи, Орбан го повтори својот добро познат став. Тој нагласи дека Унгарија е земја без излез на море и затоа е оставена на постојните патишта за снабдување кои главно доаѓаат од Русија.
Фото: принскрин
Регион
Почина поранешниот албански премиер Фатос Нано
 
														Поранешниот албански премиер и лидер на албанската левица по падот на комунизмот, социјалистот Фатос Нано, почина денес во Тирана на 73-годишна возраст, објави сегашниот албански премиер Еди Рама.
Поранешниот албански премиер Фатос Нано почина на 73-годишна возраст по неколку неделно лекување во приватна болница во Тирана, каде што беше хоспитализиран во тешка состојба по срцев удар, според написите на медиумите во регионот.
Веста ја објави и „Euronews Albania“, наведувајќи дека Нано бил во тешка состојба со недели пред да им подлегне на компликациите.
Нано е една од клучните политички фигури на албанскиот транзициски период: основач и прв лидер на Социјалистичката партија и премиер во три мандати — кратко во 1991 година, потоа 1997–1998 и 2002–2005 — со улога во модернизацијата на левицата и европеизацијата на политичкиот систем во Албанија.


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											