Свет
Маж поднесе тужба против властите на Хаваи откако преживеал срцев удар поради лажна тревога

Човек кој добил инфаркт кратко време по добивањето порака на својот мобилен телефон за ракетен напад на Хаваи, поднесе тужба против државата.
Лажното соопштение за напад и неуспехот на државата на време да ги информира граѓаните за грешката беше одлучувачки фактор за срцевиот удар на Џејмс Шон Шилдс на 13 јануари, по што тој поднесе тужба против државата, а во неа како причина за покренувањето на тужбата е наведено токму ова.
Неговата девојка, Бренда Рејчел, исто така поднесе тужба за нејзиниот претрпен стрес бидејќи го гледала своето момче како добил инфаркт.
Тие поднесоа тужба против државата Хаваи и против претставници на Агенцијата за итни случаи.
Хавајската агенција за итни случаи по грешка испрати порака на мобилните телефони на своите граѓани на 13 јануари во која пишувало дека тие се загрозени од ракетен напад, предизвикувајќи општа паника.
39 минути подоцна властите ја увидоа гршката и ги информираа граѓаните за лажниот аларм.
Во тужбата овој пар објави дека откако ја добиле пораката, веднаш отишле на плажа, мислејќи дека алармот е вистински, но Џејмс во тој момент кога ги слушнал своите деца, почувствувал остра болка во градите.
Тој веднаш бил хоспитализиран и било откриено дека претрпел срцев удар, но лекарите успеале да го спасат неговиот живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Подготвени сме за секакво сценарио за време на посетата на Трамп, објави британската полиција

Британската полиција објави дека е целосно подготвена за сите можни ситуации и сценарија пред државната посета на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, оваа недела.
– Многу сум задоволен што испланиравме многу сеопфатен план за полициска и безбедносна операција што ги зема предвид речиси сите можни сценарија што би можеле да се случат – изјави помошникот на главниот комесар Крисјан Бант од британската полиција.
Бант изјави дека ќе бидат присутни значајни, многу видливи полициски сили, но одби да го прецизира бројот на распоредени полицајци.
Тој, исто така, објави дека воздушниот простор над замокот Виндзор ќе биде затворен, а специјализираните полицајци ќе бидат подготвени да се справат со секаков протест што може да се случи.
Британскиот крал Чарлс ќе го пречека Трамп во замокот Виндзор утре, пред американскиот претседател да ја продолжи својата посета во четврток на имотот на британскиот премиер Кир Стармер.
Фото: принтскрин
Свет
„Политико“: ЕУ го одложува воведувањето на 19 пакет-санкции против Русија

Европската комисија (ЕК) нема да воведе нов пакет-санкции против Русија в среда, како што се очекуваше, објавувањето е одложено на неодредено време, објавува „Политико“ повикувајќи се на европски дипломат и функционер на една од земјите на блокот.
Според нив, објавувањето на 19 пакет-санкции веќе не се очекува в среда, а ЕК не прецизирала нови можни датуми за официјално презентирање на новите санкции, според бриселскиот портал.
„Политико“ пишува дека одложувањето е последица на поместувањето на фокусот на ЕУ од воведување нови санкции против Русија кон вршење притисок врз Словачка и Унгарија за намалување на нивната зависност од руската нафта, објавува „Танјуг“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да воведе строги санкции против Русија доколку сите членки на Северноатлантскиот сојуз дејствуваат заедно и престанат да купуваат руска нафта.
Тој истакна дека фактот што некои сојузници на НАТО континуирано увезуваат енергетски ресурси од Русија „ја ослабува преговарачката позиција на алијансата“.
Свет
Велика Британија испраќа „тајфуни“ во Полска

Велика Британија ќе распореди ловци „еврофајтер тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор откога Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникот британскиот премиер, Кир Стармер.
Во наредните денови овие авиони ќе им се придружат на француските „рафали“, на германските „еврофајтери“ и на данските „Ф-16“ како дел од операцијата на НАТО – „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.
„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на алијансата.
Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, а Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според „Ројтерс“, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.
Во вторник Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат речиси 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија оценувајќи ги како хистерија.
Минатиот месец Полска ги почна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат речиси 30.000 војници вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.
Фото: принтскрин