Свет
Мал пожар изби на руски носач на авиони, екипажот евакуиран
На командниот брод на руската морнарица, „Адмирал Кузнетсов“ избувна пожар, јавуваат руските медиуми.
Станува збор за единствениот руски носач на авиони, а пожарот избувнал додека бил закотвен во бродоградилиштето Звјоздочка во Мурманск, на Баренцовото Море, објави агенцијата „ТАСС“.
Извор од итната служба денеска за ТАСС изјави дека 20 лица се евакуирани и дека пожарот е изгаснат и нема жртви.
Шефот на Обединетата бродоградба корпорација, која ја надгледува реставрацијата на бродот, Алексеј Рахманов, за РИА Новости изјави дека инцидентот се случил за време на поправка на бродот.
„Адмирал Кузнетсов“ е надвор од служба и на пристаниште за поправки од 2018 година. Бродот тежи 43.000 тони, има екипаж од 1.300 лица и е вооружен со противбродски и противвоздушни ракетни системи. Во ноември 2022 година, руските власти рекоа дека поправките одат според планот и дека бродот ќе биде готов до првиот квартал на 2024 година.
Во ноември, Рахманов им изјави на новинарите во Москва дека се откриени дефекти на одделни делови од бродот, но „работата се одвива според планот“. Се очекува реновирањето да му даде на бродот нов борбен потенцијал и да го продолжи неговиот животен век за дополнителни 10 до 15 години, објави „Навал Њус“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Погоден е аеродромот во Кувајт, гори хотел во Дубаи
САД и Израел го нападнаа Иран утрово. Најмалку три експлозии се слушнаа во Техеран, главниот град на Иран, а беа погодени и голем број други ирански градови.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, тврди дека нападот ќе ја прекине безбедносната закана за САД и ќе им понуди на Иранците можност да ги соборат своите владетели. Израелската влада прогласи вонредна состојба поради очекуваната иранска одмазда со беспилотни летала и балистички ракети.
Иран одговори со испукување ракети кон Израел, соопшти израелската војска. Иран, исто така, изврши напади врз американски воени објекти во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Катар…
Се очекува говор на ајатолахот Али Хамнеи, објави Би-Би-Си, наведувајќи дека неговиот говор наскоро ќе биде емитуван. Не е јасно дали тоа ќе биде снимена порака или иранскиот врховен лидер ќе зборува во живо. Неговото моментално место на живеење е непознато. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, тврди дека, доколку тој знае, ајатолахот е жив, а Ројтерс претходно објави дека е префрлен од Техеран на „безбедна локација“.
Израелската војска во саботата попладне објави дека изведува нови напади врз ирански ракетни лансери, како дел од заедничкиот напад со САД врз Иран, додека Техеран, исто така, објави дека изведува нов бран напади врз американски цели во регионот.
Израелските воздухопловни сили „започнаа со прелети и моментално напаѓаат ракетни лансери во Иран за да спречат закана за Државата Израел“, се вели во краткото воено соопштение.
Пожар избувна пред луксузниот хотел „Фермонт Палм“ во Дубаи. Пожарот наводно бил предизвикан од остатоци што паднале од небото за време на ирански ракетен напад, а автентичноста на снимката ја потврди „Скај њуз“.
Fairmont Dubai Palm on fire. Heard loud explosion, stay safe pic.twitter.com/HLo8oS6dSc
— Alex | The Modern Freelancer (@alex_tfmg) February 28, 2026
Свет
Нов бран напади против иранските ракетни фрлачи почнаа израелските воздухопловни сили
Израелските воздухопловни сили спроведуваат нов бран воздушни напади против иранските балистички ракетни фрлачи, соопшти ИДФ.
– Воздухопловните сили почнаа операција и во моментов ги напаѓаат ракетните фрлачи во Иран за да ги отстранат заканите за државата Израел – се вели во соопштението на војската што го пренесе Тајмс оф Израел.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.

