Свет
Манијак во Калифорнија со нож убил четири лица и повредил двајца
Еден човек убил четири лица и повредил двајца во округот Оринџ, Калифорнија, пренесува АП.
Триесет и тригодишен маж од Гарден Гроув бил приведен откако го убил чуварот во продавница.
Началникот на локалната полиција изјави на прес-конференција дека сторителот бил вооружен со нож и пиштол и ограбил стан и неколку деловни простории.
Според АП, насилството било случајно и единствените познати мотиви засега се грабеж, омраза и убиство, изјавил полковник на полицијата од Гарден Гроув на прес-конференција.
Осомничениот и сите жртви се Латиноамериканци.
Двајца од повредените се во стабилна состојба и ќе преживеат, откри полковникот Карл Витни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон и Штајнмаер со критики кон САД: Светот оди кон поделба на сфери на влијание
Францускиот претседател Емануел Макрон во своето годишно обраќање за надворешната политика ја критикуваше администрацијата на Доналд Трамп, обвинувајќи ги САД дека го поткопуваат глобалниот поредок заснован на правила. Тој оцени дека САД, како етаблирана сила, сè повеќе се оддалечуваат од дел од своите сојузници и се откажуваат од меѓународните правила што порано ги промовирале.
Макрон предупреди дека светот се движи кон поделба на сфери на влијание, во која големите сили настојуваат да доминираат, посочувајќи дека САД ја зајакнуваат својата улога во западната хемисфера. Иако директно не ги спомена Венецуела и Гренланд, тој ја обвини американската политика за кршење на правилата во трговијата и безбедноста, што предизвикува сериозна загриженост во Париз.
Критики упати и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој оцени дека светот не смее да се претвори во дувло на разбојници во која најбескрупулозните земаат што сакаат. Тој истакна дека глобалната демократија никогаш не била толку загрозена и предупреди на, како што рече, „слом на вредностите“ кај најважниот партнер на Европа – САД.
Фото:Depositphotos
Свет
Орбан: Од Брисел пристигна декрет, крајно е застрашувачки што бараат од нас
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Украина бара од Европската Унија дури 800 милијарди долари во следните десет години, што, според него, би имало сериозни социјални последици за Унгарија. Орбан тврди дека оваа сума би можела да ги исплати пензиите во Унгарија во следните 40 години, а сите семејни бенефиции дури 60 години.
Во објава на социјалните мрежи, Орбан изјави дека украинскиот премиер Володимир Зеленски сака да ги добие овие пари од Брисел, додека Брисел, како што тврди, планира да го префрли товарот на земјите-членки на Европската Унија, вклучително и на Унгарија.
Орбан откри дека на вчерашната седница на унгарската влада бил слушнат извештајот на министерот за европски прашања Јанош Бока, во кој детално е објаснето како Брисел ќе ги распредели бараните 800 милијарди долари и од кои извори ќе се обезбедат средствата.
„Толку значат тие 800 милијарди долари што украинскиот премиер сака да ги извлече од Брисел. И тие го сакаат тоа од нас. На вчерашната владина седница го слушнавме извештајот на Јанош Бока за тоа како Брисел ќе ги распредели тие 800 милијарди долари и од кои извори ќе се обезбедат средствата. Резултатот е исклучително застрашувачки“, рече Орбан.
Според него, таканаречените „бриселски декрети“ за Унгарија би значеле укинување на 13-тата и 14-тата пензија, постепено укинување на семејните бенефиции и воведување прогресивен данок на доход, што дополнително би ги оптоварило унгарските даночни обврзници.
„Сето ова за да има што да се плати за украинските режиски трошоци“, додаде унгарскиот премиер.
Орбан рече дека Унгарија го отфрла таквото сценарио и најави дека извештајот на министерот Бока ќе биде објавен во целост.
„Па, тоа е она со што ние, Унгарците, не се согласуваме. Ќе го објавиме извештајот на министерот Бока затоа што унгарските семејства имаат право да знаат каков план Брисел сака да им наметне“, рече Орбан.
Тој додаде дека унгарските граѓани ќе можат да избираат „помеѓу патот на Брисел и патот на мирот“ на парламентарните избори во април.
фото/депозитфотос
Свет
Бура, снег и мраз во Германија: Училиштата се затворени, летовите се откажани, хаос на патиштата
Германија се подготвува за обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и бури, а делови од земјата веќе се погодени од снег и замрзнат дожд.
„Обилни врнежи се очекуваат во големи делови од земјата од вечерва со 20 сантиметри нов снег во низините и замрзнат дожд“, објави Германската метеоролошка служба (DWD).
Според Германската метеоролошка служба, временската состојба се должи на циклонот „Ели“, кој се приближува од југозапад и носи врнежи во форма на снег и дожд.
Времето веќе предизвикува многу доцнења на патиштата и железницата. Поради бурното време, училиштата на северот од земјата, во Хамбург, Бремен и Долна Саксонија, денес останаа затворени.
Возач на автомобил загина утрово во Герде, Долна Саксонија, кога, според полицијата, ја изгубил контролата врз возилото поради заледени услови на патот и удрил во дрво.
Несреќи предизвикани од заледени услови се пријавени и во многу други федерални покраини. На пример, во Тирингија, автопатот А73 беше делумно затворен по судир на три автомобили во близина на Шлојзинген, соопшти полицијата.
Владејачката Христијанско-демократска унија (CDU) ја откажа својата редовна затворена конвенција, која требаше да започне утре, поради временските услови.
„Поради предупредувањата за екстремни временски услови и отежнат железнички и воздушен сообраќај, принудени сме да ја одложиме нашата конференција“, изјави портпаролката на CDU, Изабел Фишер.
Властите ги предупредуваат граѓаните да не излегуваат непотребно и да бидат особено внимателни поради ледените услови, а болниците за трауматологија се подготвуваат за прилив на пациенти.
фото/ЕПА

