Свет
Мароканка се породила неколку минути пред земјотресот, па итно морало да ја напушти болницата – нејзиниот дом е разурнат
Бебето на Кадија сè уште нема ни име, но нејзиниот прв дом е шатор. Таа е родена само неколку минути пред смртоносниот земјотрес што го погоди Мароко во петокот вечерта.
Иако мајката и ќерката не се повредени, болницата во Маракеш, во која се наоѓале, била евакуирана, пишува Би-би-си.
По брзиот преглед, од нив било побарано да заминат само три часа по породувањето.
„Ни рекоа дека мораме да одиме поради страв од последователни потреси“, рекла мајката. Со своето новороденче, Кадија и сопругот се обиделе да одат со такси рано во саботата до својот дом во Тадарт, на планините Атлас, на речиси 65 километри од Маракеш.
Но, на пат до таму откриле дека патиштата се блокирани од одрони и стигнале само до селото Асни. Оттогаш семејството живее во шатор покрај главниот пат.
„Не добив никаква помош или поддршка од властите“, рече Кадија држејќи го своето дете додека се криеше од сонцето под тенка церада.
„Побаравме од некои луѓе во ова село ќебиња за да имаме со што да се покриеме. Го имаме само Господ“, додаде таа.
Жената нагласи дека има само еден комплет облека за бебето. Пријателите од нивниот роден град ги известиле дека нивната куќа е тешко оштетена, па не знаат кога би можеле да имаат соодветно место за престој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел изврши нов напад врз Газа
Израелската армија започна нов напад врз Газа, дополнително зголемувајќи ја загриженоста за кревкото примирје со Хамас. Израелските одбранбени сили (IDF) објавија дека целта им била „терористичката инфраструктура“ во областа Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа, објави Sky News.
IDF тврди дека локацијата служела како складиште за оружје „наменето за извршување непосреден терористички напад врз војниците на IDF“.
„Војниците на IDF во Јужната команда остануваат распоредени во согласност со договорот за прекин на огнот и ќе продолжат да работат за да ја елиминираат секоја непосредна закана“, рече портпаролот. Во меѓувреме, жителите на градот Газа пријавија дека слушнале експлозија и виделе облак од чад.
🎯STRUCK: A terrorist infrastructure site in Beit Lahia, northern Gaza, storing weapons and aerial means intended for an imminent attack on IDF soldiers and the State of Israel.
IDF troops in the Southern Command remain deployed under the ceasefire agreement and continue to… pic.twitter.com/WYhRwdAU2k
— Israel Defense Forces (@IDF) October 29, 2025
Нападот се случи откако израелските напади во текот на ноќта убија најмалку 104 лица, вклучувајќи 46 деца, според болнички службеници.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху нареди напади откако израелски функционер објави дека војниците биле нападнати во јужна Газа. Израел соопшти дека еден војник бил убиен од „непријателски оган“ во градот Рафа во вторник попладне.
Хамас негираше каква било вмешаност во пукањето во Рафа и ја повтори својата посветеност на прекинот на огнот. Ескалацијата се случи и откако Хамас во понеделник предаде делови од тела за кои Израел вели дека му припаѓаат на заложник чии останки биле делумно пронајдени претходно во конфликтот.
По последните напади, израелската војска соопшти дека ќе продолжи да се придржува до договорот за прекин на огнот, но додаде дека ќе одговори решително на „секое кршење“.
Американскиот претседател Доналд Трамп нагласи дека и покрај новото насилство, прекинот на огнот останува на сила, велејќи дека „ништо нема да го загрози“.
Тој додаде дека Хамас вети дека ќе се придржува до него.
Свет
Калас ги осуди белоруските провокации во Литванија, се закани со дополнителни санкции
Европската унија денес ги осуди „постојаните и провокативни“ дејствија на Белорусија за испраќање балони во литванскиот воздушен простор, што влијаеше на стотици летови и предизвика значителни загуби за аеродромите.
„ЕУ остро ги осудува постојаните и провокативни дејствија на Белорусија против ЕУ и нејзините земји-членки, кои се неприфатливи и се спротивставуваат на претходните изјави на (белорускиот претседател Александар, оп. а.) Лукашенко за подобрување на односите со ЕУ“, се вели во соопштението издадено од високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас во име на Европската Унија.
Литванија соопшти дека балоните ги испраќаат шверцери на цигари и го обвини белорускиот претседател Александар Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, за тоа што не ја спречил практиката.
Литванската премиерка Инга Ругиниене ги нарече инцидентите „хибридни напади“ и најави дека граничните премини со Белорусија ќе бидат затворени за сите освен за дипломати и граѓани на ЕУ што ја напуштаат соседната земја.
Каја Калас во изјава рече дека упадите со балони ризикуваат дестабилизирање на земја-членка на ЕУ и се обид за заплашување на европските граѓани со директни закани за цивилното воздухопловство.
„Овие балони не се само алатки за шверц, туку се одвиваат во контекст на поширока насочена хибридна кампања, заедно со други активности што вклучуваат државно спонзориран шверц со мигранти. Сите овие активности мора веднаш да се запрат. Го повикуваме белорускиот режим без понатамошно одложување да усвои ефикасни мерки за контрола на својот воздушен простор, националните граници и територии, како и да се бори против организираните криминални активности и да ги спречи“, вели шефицата на европската дипломатија.
„ЕУ изразува целосна солидарност со Литванија и сите други земји-членки погодени од хибридните активности на Белорусија. Санкции се воведени врз белорускиот режим, а ЕУ е подготвена да преземе понатамошни соодветни мерки доколку ваквите дејствија продолжат. Нема да толерираме никакви хибридни кампањи насочени против ЕУ или која било од нејзините земји-членки“, изјави Каја Калас.
Регион
САД ги укинаа санкциите за Додик
САД одлучија да ги укинат санкциите за неколку лица од Република Српска, што е поврзано со неофицијален договор меѓу Милорад Додик и новата американска администрација.
Санкциите беа укинати за Милорад Додик, Жељка Цвијановиќ, семејството Додик, нивните компании и многу други блиски соработници.
Во петок, 17 октомври, САД ги укинаа санкциите за четворица блиски соработници на Додик, кои првично беа ставени на црната листа за организирање и промовирање на неуставниот „Ден на РС“. Тие се Јелена Пајиќ Баштинац, Данијела Драгичевиќ, Горан Раковиќ и Дијана Миланковиќ.
Неофицијални извори тврдат дека укинувањето на санкциите е резултат на договор меѓу САД и Додик, според кој Додик морал да ја напушти функцијата претседател на РС по конечната пресуда и да назначи вршител на должноста претседател.
Откако Ана Тришиќ-Бабиќ беше избрана за вршител на должноста претседател на Република Српска, со што се исполни тој дел од договорот, Америка постепено ги укинува санкциите за другите соработници на Додик, а тој процес треба да биде завршен до крајот на овој месец.

