Свет
Мароко веројатно ќе потпише мировен договор со Израел
Мароко, најверојатно, ќе биде една од следните арапски земји што ќе воспостават дипломатски односи со Израел по договорот меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел потпишан со посредство на администрацијата на Трамп, се вели во извештајот на израелската ТВ КАН, која се повикува на американски официјални лица.
Мароко е дом на околу 3.000 Евреи – најголемата еврејска заедница од која било арапска земја. Околу 300.000 Евреи емигрирале од Мароко како резултат на немирите по основањето на државата Израел во 1948 година.
Мароко веќе има стабилни туристички и трговски односи со Израел, како и разузнавачка соработка. Според КАН, Мароко веројатно ќе побара САД да го признае неговиот суверенитет над територијата на Западна Сахара, која ја анектираше во 1975 година, во замена за нормализирање на односите со Израел.
Во извештајот се додава дека Рабат има за цел да ги зајакне врските со САД.
За Бахреин и Оман, кои ја поздравија одлуката на ОАЕ за воспоставување односи, се смета дека се следните веројатни кандидати за нормализирање на односите со Израел.
По трилатералните разговори меѓу трите земји во четвртокот, Белата куќа објави дека Израел и ОАЕ потпишале договор за воспоставување целосни дипломатски односи. Нетанјаху го опиша настанот како „историски момент на напредок на мирот“.
„Ова означува почеток на новата ера за односите на Израел со арапскиот свет“, рече тој.
ОАЕ е третата арапска земја што има воспоставено дипломатски врски со еврејската држава по Египет и Јордан. Поголемиот дел од арапскиот свет не го признава постоењето на Израел.
Лидерот на ОАЕ, Шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, објави на Твитер: „Обединетите Арапски Емирати и Израел се согласија за соработка и воспоставување билатерални односи“.
Министерот за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед Ал Најан, во неделата го повика својот израелски колега Габи Ашкенази во еден од првите директни телефонски повици меѓу двете земји. До сега, ОАЕ ги блокираа повиците до кодот на Израел +972.
Слично на тоа, израелските веб-страници за вести, кои претходно беа блокирани од владата на ОАЕ, сега се достапни. Првиот деловен договор меѓу приватниот сектор на двете земји се случи во саботата кога „АПЕКС нејшнел инвестмент“ од ОАЕ и израелската „Терагруп“ потпишаа договор за истражување и развој за борба против Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

