Свет
Масовниот убиец Брејвик се расплака на суд: „Секој ден во затвор е ноќна мора, се каам!“
Брејвик ја тужи државата во обид да стави крај на неговата изолација и ограничување на комуникацијата со надворешниот свет
Андерс Беринг Брејвик, екстремно десничарскиот терорист кој уби 77 луѓе во Норвешка во 2011 година, во вторникот пред судот изјави дека му е жал за она што го направил и се скрши во солзи, велејќи дека животот во самица е ноќна мора за него и дека секој ден размислува за самоубиство.
Во 2011 година, масовниот убиец прво уби осум лица со автомобил-бомба, а потоа уби 69 учесници на собирот на млади лабуристи на островот Утоја. Оттогаш тој е во целосна изолација.
Брејвик ја тужи државата во обид да стави крај на неговата изолација и ограничување на комуникацијата со надворешниот свет, тврдејќи дека му се кршат човековите права.
“Не верувам дека можам да преживеам подолго без кохерентни човечки односи. Сè уште сум личност и постои граница што човек може да ја поднесе. Секој ден е ноќна мора, секој ден размислувам за самоубиство”, рекол Брејвик.
Рочиштето се одржа во спортската сала на затворот со максимално обезбедување.
На прашањето на државниот правобранител Андреас Хјетланд како сега гледа на настаните во Утоја, тој одговори: „Се каам што направив, подготвен сум да се откажам од политика“.
Брејвик е сместен во строго обезбедуваниот затвор Рингерик, кој се наоѓа на околу 70 километри северозападно од Осло. Тоа е трет затвор во кој престојува.
Неговиот случај е тест за земја која сè уште е погодена од неговиот чин, но во исто време се гордее со правосудниот систем кој ја нагласува рехабилитацијата на затворениците.
Адвокатите кои го застапуваат Министерството за правда тврдат дека Брејвик мора да остане во изолација бидејќи и понатаму претставува безбедносна закана.
Неговата изолација е наречена „релативна“ затоа што комуницира со чувари, свештеник, здравствени работници и до неодамна со волонтер кој повеќе не сака да го гледа. Покрај тоа, Брејвик се дружи со двајца затвореници по еден час секоја втора недела.
Неговите адвокати тврдат дека Норвешка ја прекршува Европската повелба за човекови права, во која се вели дека „никој не треба да биде подложен на тортура или на нечовечко или понижувачко постапување“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ушаков: Франција и Велика Британија сакаат да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје
Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, денеска изјави дека Русија е запознаена со плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за производство на такво оружје.
„Американците, секако, ќе бидат информирани за сè, но тие веќе знаат. Во моментов ова се коментира на сите канали. Ние ќе им го кажеме тоа конкретно“, изјави Ушаков за телевизискиот канал „Росија 1“ и додаде дека плановите на Франција и Велика Британија да ѝ обезбедат на Украина нуклеарно оружје или технологија за негово производство ќе влијаат врз ставот на Русија за решавањето на украинскиот конфликт, пренесуваат „Интерфакс“ и „Танјуг“.
Претходно денеска, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, на својот профил на „Икс“ објави дека употребата на руско нуклеарно оружје против цели во Украина, како и нуклеарни удари врз Велика Британија и Франција, би биле легални и оправдани доколку Лондон и Париз му предадат нуклеарна технологија на Киев.
Свет
Ројтерс: Иран блиску до договор со Кина за ракети кои наводно се способни да потопат носач на авиони
Иран е блиску до склучување договор со Кина за набавка на противбродски крстосувачки ракети CM-302, во момент кога САД распоредуваат значителни поморски сили во близина на иранскиот брег, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на шест извори запознаени со преговорите.
Според извештајот, договорот е речиси финализиран, но датумот на испорака сè уште не е утврден. Станува збор за супeрсонични ракети со дострел од околу 290 километри, дизајнирани да избегнуваат бродска одбрана со лет на мала висина и голема брзина.
Експерти за вооружување оценуваат дека нивното воведување би ги засилило иранските напаѓачки способности и би претставувало сериозна закана за американските поморски сили во регионот. Поранешен израелски разузнавач изјавил дека таквата способност „целосно би ги променила правилата на игра“.
Преговорите со Кина започнале пред две години, но се забрзале по минатогодишниот конфликт меѓу Израел и Иран, наведуваат изворите. Во меѓувреме, САД распоредуваат носачи на авиони, вклучително и USS Abraham Lincoln и USS Gerald R. Ford, во близина на Иран.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопштило дека не е запознаено со преговорите за продажба на ракети, додека Белата куќа не дала директен коментар. Американскиот претседател, Доналд Трамп, му дал рок на Иран за договор околу нуклеарната програма, во спротивно се заканил со „драстични мерки“.
Свет
Обилни дождови во Бразил: Најмалку 14 загинати, 440 раселени
Најмалку 14 лица загинале, а 440 се раселени откако обилни дождови го погодиле југоисточниот бразилски град Жуис де Фора, соопштија локалните власти.
Дождовите предизвикале поплави и свлечишта, а наставата во општинските училишта е прекината. Властите мобилизирале специјализирани тимови за помош и потрага по исчезнати лица. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Минас Жераис, прогласил состојба на катастрофа.
Локалните власти наведуваат дека ова е најврнежливиот февруари во историјата на градот, со двојно повеќе врнежи од очекуваното. Националниот институт за метеорологија издал предупредувања за обилни дождови во делови од 14 сојузни држави, вклучително и Рио де Женеиро.

