Свет
Медведев: Што ќе направи Галскиот петел? Ќе го киднапира Трамп? Нуклеарен напад врз САД?
Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, ја коментираше вчерашната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон.
„Галскиот петел закукурика дека ако суверенитетот на Данска биде допрен, последиците ќе бидат без преседан. Што ќе прават?! Ќе го киднапираат американскиот претседател? Нуклеарен напад врз САД? Секако дека не. Тие само ќе се исплашат и ќе се откажат од Гренланд. А тоа би бил одличен европски преседан“, напиша Медведев на Икс.
The Gallic cock has crowed that, if the sovereignty of Denmark is affected, the consequences would be unprecedented. Ooh, what they will do?! Kidnap POTUS? Nuke the US? Course not. They’ll just shit their pants and give up Greenland. And that’d would be a great European precedent
— Dmitry Medvedev (@MedvedevRussiaE) January 14, 2026
Макрон вчера се осврна на напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз арктичката територија. „Не ги потценуваме изјавите за Гренланд“, рече Макрон, како што објави портпаролката на владата Мод Брежон.
„Доколку суверенитетот на една европска земја и сојузник биде загрозен, последиците ќе бидат невидени. Франција многу внимателно ја следи ситуацијата и ќе дејствува во целосна солидарност со Данска и нејзиниот суверенитет“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик повторно ја поддржа руската агресија врз Украина: „Праведна борба“
Лидерот на владејачката партија во Република Српска, Милорад Додик, денес отворено ја поддржа руската агресија врз Украина, опишувајќи ја како „праведна борба“.
Придружувајќи се на бројните коментари по повод четвртата годишнина од рускиот напад врз Украина, Додик ја бранеше позицијата на Москва и ја оправда агресијата во објава на социјалната мрежа X, користејќи формулации за карактерот на таа војна што доаѓаат од арсеналот на руската пропаганда.
„На денот кога се одбележуваат четири години од почетокот на специјалната воена операција на Руската Федерација, нашата посветеност останува иста: поддршка на праведните цели на Русија и нејзините напори да ги заштити своите интереси и народот во Украина“, напиша Додик, кој во минатото постојано заземаше проруски позиции и ја обвинуваше Украина за војната.
Тој сега додаде дека Русија покажала доволно волја да го реши проблемот „преку дијалог и договор“, а кога тоа не успеало, рече тој, морала да прибегне кон сила за да ги обезбеди своите граници и територија.
Додик, исто така, го пофали рускиот претседател Владимир Путин, пишувајќи дека неговата решителност „го вратила статусот на суперсила на Русија, решена да не дозволи да биде загрозен ниту еден државен или национален интерес“.
Откако администрацијата на Доналд Трамп ги укина санкциите врз него минатата година, Додик почна да се фали со своите одлични односи со Вашингтон и неговата подготвеност да соработува со САД, но нагласи дека сè уште ја гледа Русија како клучен стратешки партнер.
фото/Depositphotos
Свет
Макрон ја прифати оставката на директорката на Лувр по кражбата на накит
Францускиот претседател, Емануел Макрон, ја прифати оставката на директорката на парискиот музеј Лувр, Лоренс де Кар, кој се справува со последиците од кражбата на накит и штрајковите на вработените.
Лоренс де Кар ја поднесе својата оставка, која Макрон ја прифати, „пофалувајќи го чинот на одговорност во време кога на најголемиот музеј во светот му е потребен мир и силен нов поттик за успешно спроведување на големи проекти што вклучуваат безбедност и модернизација“, соопшти неговата канцеларија.
Де Кар се соочи со интензивни критики откако крадци во октомври минатата година избегаа со накит во вредност од околу 102 милиони долари, кој сè уште не е пронајден, откривајќи очигледни безбедносни слабости во најпосетуваниот музеј во светот.
Штрајковите за платите и условите во музејот од декември лани, исто така, доведоа до редовни затворања и се додадоа на листата на проблеми што вклучуваа две протекувања на вода, како и масовна истрага за измама со билети.
Критичарите, вклучувајќи ја и канцеларијата на државните ревизори, ги доведоа во прашање ниските трошоци на музејот за безбедност и одржување на инфраструктурата, додека се правеа раскошни купувања на нови уметнички дела, од кои само една четвртина е отворена за јавноста, и големи трошоци на проекти за повторно отворање по пандемијата.
фото/Depositphotos
Свет
ЕУ сака трајно да го забрани увозот на руска нафта
Европската комисија има намера да предложи закон со кој трајно ќе се забрани увозот на нафта од Русија кон средината на април, веднаш по парламентарните избори во Унгарија, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на документ во кој имал увид.
Нацрт-законот треба да биде објавен на 15 април, три дена по унгарските избори. Овој датум, според два извори цитирани од „Ројтерс“, е избран за да се избегне забраната за увоз на руска нафта да стане големо прашање во изборната кампања.
Европската унија го забрани увозот на руска нафта транспортирана по море уште во 2022 година.
Исклучоци се дадени за земјите без излез на море (Чешка, Унгарија и Словачка), на кои им е дозволено да увезуваат руска нафта по море ако испораката преку цевковод не е можна.
Испораката на нафта преку цевководот „Дружба“ беше прекината на 27 јануари поради руски напад со беспилотни летала. Унгарија ја обвинува Украина дека го отежнува поправањето на нафтоводот и затоа го блокира 20-тиот пакет санкции против Русија и заем од 90 милијарди евра за Украина. Словачка се приклучи кон Будимпешта.
Со новиот закон, Комисијата сака трајно да го забрани увозот на руска нафта. Патем, според податоците за последниот квартал од минатата година, ЕУ увезувала само 1 процент од руската нафта, меѓутоа, Унгарија и Словачка не направиле ништо за да се ослободат од зависноста од руските енергетски производи и денес се речиси целосно зависни.
Минатиот месец, Европската унија донесе закон кој предвидува целосно прекинување на увозот на руски гас од есента 2027 година. Унгарија и Словачка објавија дека ќе се борат против тоа пред Судот на ЕУ.
фото/Depositphotos

