Свет
Милионер кој се занимаваше со криптовалути убиен во Аргентина
Деца во аргентинскиот град Ингениеро Баџ пронајдоа делови од телото на исчезнатиот 41-годишен инфлуенсер и крипто милионер Фернандо Перез Алгаба минатата недела, а полицијата почна истрага за неговото убиство, пишува „Њујорк пост“.
Исчезнувањето на инфлуенсерот било пријавено во вторник на 18 јули. Во неделата, 23 јули, група деца кои играле фудбал откриле црвен куфер во близина на потокот во Ингениеро Баџ.
Децата за пронајдокот ја известиле полицијата, а кога стигнале на местото каде што бил пронајден куферот, полицајците забележале дека во него се нозете и рацете на инфуенсерот.
View this post on Instagram
Застрелан три пати пред да биде распарчен
Торзото и главата на Алгаба беа пронајдени оваа недела, објави Ел Паис. Полицијата во Буенос Аирес соопшти дека успеала да ја идентификува жртвата благодарение на тетоважите и отпечатоците од прсти.
Наведено е дека делови од телото се прецизно ампутирани, што покажува дека убиството го извршил „професионалец“. Пред да биде распарчен, Алгабе бил застрелан три пати, покажала обдукцијата.
Едно лице е уапсено, се споменува вмешаност на инфлуенсерот со аргентинската банда
Алгабе живеел во Барселона, а во Аргентина дошол една недела пред да биде убиен. Тој престојувал во зграда под кирија. Требало да ги врати клучевите од имотот во среда на 19 јули. Полицијата уапси осомничен во врска со неговото убиство.
Трговската компанија за криптовалути на Алгаба, со седиште во Буенос Аирес, Motors Lettuce SRL, била во сериозни долгови, според аргентинската даночна агенција. Според La Nacion, непосредно пред да исчезне оставил порака на телефонот за губење на многу пари во различни крипто инвестиции.
Тој алудирал на добивањето дебел заем од аргентинската банда Бара Бравас и напиша: „Ако нешто ми се случи, сите се предупредени“.
Во интервју за локалните медиуми, неговиот брат Родолфо Перез Алгаба инсистираше на тоа дека тој не е измамник и дека едноставно има лошо искуство кога станува збор за тргување со криптовалути.
„Три дена сум овде, едвај спијам, си го лупам мозокот како можеше да се случи ова. Нема да седам мирно, се надевам дека правдата ќе биде задоволена“, изјави братот на убиен инфлуенсер, пишува „Њујорк пост“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

