Свет
Мистериозен ноќен предатор мачка-лисица уловен на Корзика
Мистериозното и неуловливо ноќно суштество кое со генерации талка на францускиот остров Корзика, а кое локалните жители го нарекуваат ghjattu volpe или едноставно мачка-лисица, конечно дојде до рацете на истражувачите на Француската национална канцеларија за лов и диви животни (ОНЦФС), кои успеале да го фатат и да го идентификуваат, пренесува РТ.
Мачката-лисица со векови е дел од локалните легенди како непознат предатор што напаѓал овци и кози во текот на ноќта.
„Ние веруваме дека е див природен вид кој бил познат, но не е научно идентификуван бидејќи станува збор за исклучително незабележливо животно со ноќни навики“, изјави еколошкиот техничар од ОНЦФС, Пјер Бенедети.
Во 2012 година ОНЦФС поставила стапици со мамки за да ги наведат мачките да ја остават својата ДНК од крзното со триење на нивните тела од мамката.
По многу неуспешни обиди, ОНЦФС ја улови првата жива мачка-лисица во 2016 година и десетина други последователно означувајќи ги со електронски чипови за да ги следат нивните движења на островот. Некои од нив поминувале по 3.000 хектари движејќи се на надморска височина од 300 до 2.500 метри.
Поголем од домашна мачка, со должина од 90 сантиметри, со широки уши, куси мустаќи и со долги заби што личат на кучешки, овој етеричен предатор има црвено крзно на стомакот и црни прстени околу опашката со црн врв.
Меѓутоа, пред некој да се залета со заклучоци истражувачите ја уверија јавноста дека е невозможно да се спарат лисица и мачка.
„Името го добиле поради својата големина и опашката. Всушност, тоа не може да биде сосема нов вид, туку хибрид на два вида мачки, од кои едната е можеби F. lybica sarda или сардиниска дива мачка, создавајќи нов подвид“, објасни Бенедети.
Без оглед на хибридизацијата на суштеството, истражувачите се стремат официјално да го признаат и регистрираат како заштитен нов вид што е можно побргу. Останува мистеријата за исхраната на животното, репродуктивните обрасци и за неговото потекло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мажот кој се обиде да влезе во имотот на Трамп дигнал пушка во позиција за пукање пред агентите да го убијат
Маж на околу 20-годишна возраст бил убиен откако се обидел нелегално да влезе на имотот на Доналд Трамп во Флорида.
Обезбедувањето го забележало кај северната порта, носејќи пушка и канистер со бензин.
Агентите на тајните служби му наредиле да ги спушти предметите. Мажот го спуштил канистерот, но ја подигнал пушката во положба за пукање.
„Тогаш заменик-шерифот и двајцата агенти го застрелале и ја неутрализирале заканата. Мажот починал на лице место“, кажа Рик Бредшо, шериф на округот Палм Бич.
Сè уште не е јасно колку куршуми биле испукани, а шерифот рече дека тоа е дел од истрагата.
Во моментот, Доналд Трамп бил во Белата куќа, а неговата сопруга Меланија била со него.
Допрва ќе бидат објавени повеќе детали за идентитетот на осомничениот поврзан со инцидентот.
Портпаролот на Тајната служба, Ентони Гуглиелми, изјави дека осомничениот е од Северна Каролина. Неговото семејство го пријавило како исчезнат пред неколку дена.
Свет
Маж е застрелан откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида
Mаж е убиен откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида, објави Скај њуз.
Како што објавија разузнавачките служби, мажот на околу 20-годишна возраст бил застрелан околу 1:30 часот наутро.
Идентитетот на осомничениот сè уште е непознат, а обезбедувањето го забележало човекот на северната порта од имотот.
Носел оружје кое личело на пушка и канта со гориво.
Ниеден агент не е повреден.
Во тек се истраги за идентитетот на човекот и неговиот мотив за делото.
Иако Трамп често го поминува викендот на својот имот, во моментот на инцидентот тој бил во Белата куќа, во Вашингтон, а со него била и сопругата Меланија Трамп.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.

