Свет
Модерна: Вакцините против рак и срцеви заболувања ќе бидат готови до 2030 година

Водечката американска фармацевтска компанија „Модерна“ објави дека е уверена оти вакцините против рак, кардиоваскуларни и автоимуни болести, како и други состојби ќе бидат готови до 2030 година, објави денеска „Гардијан“.
Главниот медицински директор на Модерна, д-р Пол Бартон, рече дека верува оти компанијата ќе може да понуди вакцини против „сите видови болести“ за само пет години. Компанијата, која ја произведе водечката вакцина против коронавирусот, сега развива вакцини против рак кои таргетираат различни видови тумори.
„Ќе ја имаме таа вакцина и ќе биде многу ефикасна и ќе спаси стотици илјади, ако не и милиони животи. Мислам дека ќе можеме да им понудиме персонализирани вакцини против рак, против многу различни видови тумори на луѓето ширум светот“, истакна Бартон.
Тој рече дека повеќе респираторни инфекции може да бидат покриени со една вакцина, што ќе им овозможи на луѓето да бидат заштитени од коронавирус, грип и респираторен синцицијален вирус (RSV), додека терапии со mRNA може да бидат достапни за ретки болести за кои во моментов нема лек. Терапиите базирани на mRNA се засноваат на поттикнување на клетките да произведат протеин кој предизвикува имунолошки одговор против болеста.
„Мислам дека ќе имаме терапии засновани на mRNA за ретки болести кои претходно биле неизлечиви и мислам дека за 10 години ќе се приближиме до свет каде што всушност ќе може да ја идентификувате генетската причина за болеста и да се излекува сè користејќи технологија базирана на mRNA“, објави Бартон.
Вакцината за рак базирана на mRNA ќе го предупреди имунолошкиот систем за ракот што веќе расте во телото на пациентот, за да може да го нападне и уништи, без да ги уништи здравите клетки.
Научниците, пак, предупредуваат дека забрзаниот напредок постигнат во последните три години ќе биде залуден, доколку не се задржи високото ниво на инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Белата куќа: Се водат чувствителни разговори за предлогот на Трамп за прекин на војната во Газа

Белата куќа денес објави дека се водат „чувствителни дискусии“ за предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа.
„Можам да ви кажам дека се водат некои многу чувствителни разговори, но секако не сакам да ги превенирам најавите од оваа говорница. Ќе им препуштам на специјалниот пратеник (Стивен) Виткоф и на претседателот на Соединетите Американски Држави да се справат со тоа“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на редовниот брифинг за медиумите, објави Ројтерс.
Висок функционер на Хамас изјави за Би-Би-Си дека палестинската група веројатно ќе го отфрли мировниот план на американскиот претседател, тврдејќи дека тој „им служи на интересите на Израел“ и „ги игнорира интересите на палестинскиот народ“.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп го потпиша указот за американски безбедносни гаранции за Катар

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која САД се обврзуваат да ја гарантираат безбедноста на Катар, што претставува значајна нова обврска кон клучен арапски сојузник кој не е член на НАТО, пишува CNN.
„САД ќе го сметаат секој вооружен напад врз територијата, суверенитетот или критичната инфраструктура на Државата Катар за закана за мирот и безбедноста на САД“, се вели во наредбата потпишана во понеделник.
Оваа одлука доаѓа во време кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за време на посетата на Белата куќа, му се извини по телефон на катарскиот премиер за израелскиот напад врз Доха минатиот месец. Потоа, Трамп, во заеднички настап со Нетанјаху, го претстави својот план од 20 точки за мир во Газа.
„Во случај на таков напад, САД ќе ги преземат сите законски и соодветни мерки – вклучувајќи дипломатски, економски и, доколку е потребно, воени – за да ги одбранат интересите на САД и Државата Катар и да го вратат мирот и стабилноста“, се вели во документот, според медиумот.
Фото: принтскрин
Свет
Макрон: Ја потценивме Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не исклучува никакви опции доколку руските борбени авиони влезат во европскиот воздушен простор.
„Во согласност со доктрината за стратешка двосмисленост, можам да ви кажам дека ништо не е исклучено“, рече Макрон во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, одговарајќи на прашање дали би поддржал соборување на руски борбен авион доколку влезе во европскиот воздушен простор без дозвола.
Макрон истакна дека ја потцениле Русија. Тој тврдеше дека Русија е најголемата структурна закана за Европејците, наведувајќи мешање во изборните кампањи, кибернапади, атентати на противници и ширење лажни информации.
„Постои француски нуклеарен чадор“
„Наивни сме ако не препознаеме дека тајната армија на Русија се шири во нашите демократии. Таа се состои од оние мали анонимни воини што ги нарекуваме дигитални ботови. Тие ја манипулираат демократијата во Франција, Германија и низ цела Европа“, предупреди тој.
Кога беше прашан за предлогот на Европската комисија да се користат замрзнати руски средства како колатерал за исплати на воени репарации на Украина, Макрон повтори дека средствата не можат едноставно да се конфискуваат, бидејќи тоа би го прекршило меѓународното право.
Макрон, исто така, потврди дека ќе одржи говор на почетокот на следната година за француската нуклеарна доктрина, која моментално се ажурира.
„Францускиот нуклеарен чадор постои. Моментално работам на ажурирање на нашата доктрина и сакам да продолжам со продлабочување на нашиот стратешки дијалог со Европејците кои сакаат да учествуваат“, рече тој.
Фото: принтскрин