Свет
Напад во џамија во Авганистан, над 26 мртви

Самоубиствен напад се случи денеска во џамија во источната авганистанска провинција Кост, при што животот го загубија најмалку 26, а повредени беа 50 лица, соопштија властите во земјата.
Експлозијата се случила во џамија во внатрешноста на авганистанската воена база во дистриктот Исмаил Кел во провинцијата Кост, изјави неименуван безбедносен функционер, пренесе „Ројтерс“.
Втор неименуван извор за новинската агенција рекол дека повеќе од 26 лица загинале, а повеќе од 50 се повредени.
Жртвите се собрале за да присуствуваат на петочната молитва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) За прв пат снимено како се формира срцето: „Ова фундаментално менува сè“

За прв пат, научниците успеаја да направат извонредни „тајмлапс“ слики што го прикажуваат моментот кога срцето почнува да се формира.
Сликите покажуваат како срцевите клетки во ембрион на глушец спонтано почнуваат да се организираат во форма слична на срце во многу рана фаза од развојот. Научниците веруваат дека оваа техника би можела да обезбеди нови сознанија за вродените срцеви мани кои влијаат на речиси едно од 100 новороденчиња, пишува „Гардијан“.
„Ова е прв пат да можеме да ги набљудуваме срцевите клетки толку внимателно и во толку долг временски период во развојот на цицачите“, рече д-р Кензо Иванович од Институтот за здравје на децата „Грејт Ормонд Стрит“ при Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), главен автор на студијата.
„Прво моравме сигурно да одгледуваме ембриони во садови подолг период, од неколку часа до неколку дена, и она што го откривме беше сосема неочекувано.“
Сликите од развојот на ембрионот се направени со помош на напредна техника на светлосна микроскопија што им овозможи на научниците да ги следат ембрионите додека минуваат низ клучна фаза од развојот позната како гаструлација, кога ембрионот почнува да формира различни типови клетки и да воспоставува основни телесни оски.
Кратко потоа, клетките на срцевиот мускул се организираат во голема цевка која потоа се дели на оддели од кои ќе се развијат ѕидовите и коморите на срцето. Кај деца со вродени срцеви мани, овој процес може да предизвика дупка во ѕидовите на срцето.
Користејќи флуоресцентни маркери, тимот ги обележал клетките на срцевиот мускул – кардиомиоцити – кои светеле во различни бои. Слики биле правени на секои две минути во текот на 40 часа, покажувајќи како клетките се движат, се делат и формираат примитивен орган. Ова им овозможи на истражувачите точно да следат каде и кога првите клетки што го сочинуваат срцето се појавуваат во ембрионот.
Научниците откриле дека рано за време на гаструлацијата (околу шестиот ден од развојот на ембрионот кај глувците), се појавуваат клетки кои се развиваат исклучиво во срцето и дека се однесуваат на високо организиран начин. Наместо да се движат случајно, клетките следат јасно дефинирани патеки – без разлика дали ги формираат срцевите комори (коморите што пумпаат крв) или преткоморите (каде што крвта влегува во срцето од телото и белите дробови).
„Нашите наоди покажуваат дека одлуката на клетката да стане срцева клетка и нејзиното насочено движење може да се случи многу порано во ембрионалниот развој отколку што сугерираа претходните модели“, рече Иванович. „Ова фундаментално го менува нашето разбирање за развојот на срцето бидејќи покажува дека она што изгледа како хаотична клеточна миграција всушност следи скриени обрасци што обезбедуваат правилно формирање на срцето.“
Научниците веруваат дека ова знаење би можело да го подобри разбирањето и третманот на вродените срцеви мани, но и да го забрза напредокот во одгледувањето на срцево ткиво во лабораторија за целите на регенеративната медицина. Студијата е објавена во EMBO Journal.
Европа
ЕУ го одобри 17-тиот пакет санкции против Русија, вели извор

Европската унија го одобри 17-тиот пакет санкции против Русија, изјави за „Киев Индепендент“ висок функционер на ЕУ, кој побара анонимност. Мерките се насочени кон речиси 200 бродови од руската „флота во сенка“, 30 компании вклучени во избегнување на санкции и 75 санкции против субјекти и поединци поврзани со рускиот воено-индустриски комплекс и други цели.
Новиот пакет, исто така, вклучува мерки насочени кон руските хибридни операции, поточно воспоставување правна основа за дејствување против пропагандните канали или бродови и субјекти вклучени во саботажа на подводни кабли, аеродроми или сервери.
„Значи, гледате каде одиме. Покрај ‘традиционалните’ секторски и индивидуални санкции, го прошируваме опсегот и поактивно применуваме други видови санкции за да ја погодиме Русија таму каде што гледаме закани или обиди за заобиколување на постојните мерки“, рече изворот.
Свет
Судот на ЕУ: Комисијата мораше да ги објави СМС пораките меѓу Фон дер Лајен и шефот на Фајзер

Европската комисија погреши кога одби да ги објави текстуалните пораки меѓу Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, во екот на пандемијата на коронавирусот, пресуди судот на Европската унија, објави „Политико“.
Новинарите бараа увид во тајните пораки меѓу претседателката на Комисијата и раководителот на фармацевтска компанија, кои ги разменија во пресрет на потпишувањето на договорот за вакцини вреден повеќе милијарди долари меѓу Фајзер и ЕУ.
Оваа пресуда би можела да има големи последици врз транспарентноста и одговорноста во ЕУ и претставува сериозен удар врз угледот на Урсула фон дер Лајен.
Во соопштението, Општиот суд на Европската Унија изјави дека Комисијата не успеала убедливо да објасни зошто смета дека текстуалните пораки разменети во контекст на набавката на вакцина против коронавирусот не содржат важни информации.
Постоењето на овие пораки, кои Комисијата првично не ги потврди, беше откриено во интервјуто што фон дер Лајен го даде за „Њујорк тајмс“ во 2021 година. Сепак, извршната власт на ЕУ му рече на судот во Луксембург за време на сослушувањето минатата година дека нивната содржина не е доволно значајна за да се сметаат за документи и затоа не се регистрирани или достапни за новинарите.
„Комисијата не може само да тврди дека ги нема бараните документи, туку мора да даде веродостојни објаснувања што ќе им овозможат на јавноста и на Судот да разберат зошто овие документи не можат да се најдат“, се вели во соопштението на судот.