Свет
Напаѓачите на Капитол почнаа да излегуваат од затвор, Трамп ги стопира новите судења
Поддржувачите на Доналд Трамп, кои упаднаа во американскиот Капитол пред четири години, денеска ќе почнат да го напуштаат затворот откога новоизбраниот претседател издаде огромно помилување, што сигнализира дека има намера агресивно да ги користи своите извршни овластувања.
Помилувањето на 1.500 осуденици потпишано од републиканскиот претседател во понеделникот, на денот на инаугурацијата, ги налути пратениците на кои им се закануваше нападот на 6 јануари 2021 година кога илјадници поддржувачи на Трамп упаднаа во Капитол во неуспешен обид да го спречат Конгресот да го потврди неговиот пораз на претседателските избори во 2020 година против Џо Бајден.
„Доналд Трамп воведува златна доба за луѓето што го кршат законот и се обидуваат да ја соборат владата“, рече лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, користејќи зборови за почетокот на златната доба за Америка, што Трамп ги изговори во своето инаугуративно обраќање.

Нападот беше поттикнат од одбивањето на Трамп да го признае поразот на изборите, што беше закана за мирен трансфер на власта првпат во историјата на САД. При нападот беа нападнати околу 140 полицајци, а четири лица ги загубија животите.
Меѓу оние што треба да бидат ослободени се водачите на екстремно десничарските организации Oath Keepers и Proud Boys, вклучително и некои што се осудени за бунтовнички заговор.
40-ина мажи со ознаки на Proud Boys разменија навреди со демонстрантите на улиците на Вашингтон за време на инаугурацијата на Трамп.
Помилувањето на Трамп беше само една од низата извршни наредби што тој ги потпиша по церемонијата на инаугурација, каде што неговите поддржувачи дивееја четири години претходно.

Трамп исто така му нареди на јавниот обвинител да се откаже од сите нерешени случаи поврзани со немирите.
„Овие луѓе се уништени“, рече Трамп веднаш по враќањето во Овалната соба. „Она што им го направија на овие луѓе е нечуено“.
Трамп исто така почна сеопфатна акција против мигрантите, ја намали поддршката за енергија од ветерот и за електричните возила и го отвори патот за дупчење нафта на Арктикот. Тој се повлече од Парискиот договор за климата и од Светската здравствена организација.
Тој исто така ја одложи забраната за популарната видеоапликација „Тик-ток“, која стапи во сила во неделата. Сепак, Трамп веднаш не воведе царини за Мексико и Канада, како што се закани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Свет
Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.
„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.
Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.
Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.
Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.
„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој подкаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.
SCAF is dood aldus de Duitse bondskanselier @bundeskanzler in deze podcast. Er komt geen Frans-Duits zesde generatie jachtvliegtuig.
België was observator in het programma. We zullen onze positie herbepalen.
Ivm de nucleaire afschrikking begrijp ik echt niet waarom Europese…
— Theo Francken (@FranckenTheo) February 18, 2026

