Свет
Напаѓачот од Луисвил го пренесувал пукањето во живо на „Инстаграм“
Банкарскиот службеник од Луисвил, кој вооружен со пушка вчераутро уби петмина – меѓу кои и близок пријател на гувернерот на Кентаки – на своето работно место – го пренесувал нападот во живо на Инстаграм, соопштија властите.
Според пишувањето на „Хил“, корисниците на „Инстаграм“ имале директен пренос од крвавиот напад изведен од 25-годишниот Конор Старџен, во кој беа повредени девет лица, од кои двајца полицајци.
Компанијата „Мета“, која е сопственик на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“ објави дека веднаш го прекинале преносот во живо и го избришале видеозаписот од овој трагичен инцидент.
„Њујорк пост“ пишува дека полицијата сè уште работи на утврдување на мотивот за смртоносниот напад, чии жртви се идентификувани претставници на високи позиции во филијалата на банката. Според написот, Старџен наводно дознал дека ќе биде отпуштен од работа и пред нападот оставил порака за своите родители и за еден пријател, во која ја објаснува својата смртоносна намера.
Иако неговиот профил на „Инстаграм“, каде што го снимал пукањето, е отстранет, скриншотовите споделени од локални новинари покажуваат дека Старџен дејствувал нестабилно неколку часа пред пукањето.
Неговите наводни последни објави вклучувале мимови со натписи: „Знам што треба да направам, но не знам дали имам сила да го направам тоа“ и „Можам да го запалам целото место“.
Неговата последна објава наводно гласела: „Тие не ме слушаа кога протестирав, ајде да видиме дали ќе го слушнат ова“.
Социјалните мрежи во изминатите неколку години воведоа построги правила за забрана на насилните и екстремистичките содржини.
Сепак, и покрај поставените системи за отстранување објави и преноси што ги прекршуваат тие ограничувања, шокантен материјал, како пукањето во Луисвил, продолжува да се провлекува поттикнувајќи ги законодавците и другите критичари да ја обвинат технолошката индустрија за несоодветни и недоволни заштитни мерки и политики за умереност.
Нападот во Луисвил, 15-тото масовно убиство во САД годинава, се случува само две недели откако поранешен ученик уби три деца и тројца возрасни во едно христијанско основно училиште во Нешвил, Тенеси.
Заменик-началникот на полицијата во Луисвил. Пол Хемфри, истакна дека брзата реакција на полициските службеници несомнено спасила многу животи. Еден од ранетите полицајци, 26-годишниот Николас Вилт, кој беше во критична состојба по застрелувањето во главата, дипломирал на полициската академија пред само 10 дена.
Според базата на податоци за масовни убиства што ја одржуваат „Асошиетед прес“ и „Ју-ес-еј тудеј“, во партнерство со универзитетот „Нордистерн“, во првите 100 дена од 2023 се случиле најмногу масовни убиства, 15, од 2009 година кога до 10 април се случиле 16 масовни убиства, а годината завршила со вкупно 32 масовни убиства.
Во однос на вкупниот број масовни убиства годишно, најцрни години по 2006 година, првата година за која се собрани податоци, најмногу масовни убиства имало во 2019 и 2022 година – 45 и 42.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

