Свет
Натанјаху кај Бајден: Сакам да ви се заблагодарам за последните 50 години
Американскиот претседател Џо Бајден повика на прекин на огнот во Газа за време на разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон, пренесува „Ројтерс“. Ова беа први приватни разговори меѓу двајцата политичари откако Бајден отпатува во Израел по нападот на Хамас на 7 октомври кога го прегрна Нетанјаху и вети американска поддршка.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека сè уште има разлики меѓу Израел и милитантите на Хамас, кои владеат со палестинската енклава, за тоа како да се постигне примирје „но ние сме поблиску до тоа сега отколку кога било“.
„Двете страни мора да направат компромиси“, рече Кирби.
Портпаролот на Стејт департментот, Мет Милер, верува оти пораката од американската страна на тој состанок ќе биде дека треба да се направи мировен договор.
Посетата се совпаѓа со промената во американската политика. Во неделата Бајден (81) се повлече од претседателската трка под притисок на другите демократи и ја поддржа Камала Харис за претседателската номинација на Демократската партија во 2024 година.
„Имаме многу теми за разговор“, рече Бајден кога се сретна со Нетанјаху во Овалната соба.
„Сакам да ви се заблагодарам за 50-годишната јавна служба и 50-годишната поддршка за државата Израел“, му рекол Нетанјаху на Бајден. Потпретседателката Камала Харис исто така се состана со Нетанјаху во нејзината свечена канцеларија во Белата куќа.
Нетанјаху денес патува за Флорида за да се сретне со поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вазна на гробишта требала да послужи за атентат врз висок руски функционер – безбедносните служби го спречиле планот
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека спречила атентат врз висок руски функционер, односно експлозија што требало да се изврши на гробот на неговите најблиски на московските гробишта со помош на видеокамера скриена во вазна со цвеќе.
„Федералната служба за безбедност спречи терористички чин планиран од специјалните служби на Украина против еден од највисоките функционери на руската држава кога тој го посетил гробното место на блиски роднини на гробиштата Троекуровски“, објави ФСБ, без да го именува службеното лице кое било наводна цел.
Уапсени се вкупно три лица, сопружници од Русија и мигрант од Централна Азија.
Според ФСБ, украинските безбедносни служби регрутирале нелегален мигрант од Централна Азија, двајца претходно осудени руски наркомани приведени во Москва и Шамса Јалолидин Курбанович, родена во 1979 година и жител на Киев, која е барана во Русија за убиство и нелегална трговија со оружје.
ФСБ соопшти дека комуникациските уреди запленети од осомничениот содржеле преписка со службеник на украински специјални служби преку „Ватсап“ и „Сигнал“. ФСБ, исто така, извести за откривање на камера за надзор во вазна со цвеќе, опремена со далечински управувач, која требало да се користи во нападот.
„Според податоците на ФСБ, украинскиот режим, дејствувајќи под водство на западните специјални служби, подготвува слични злосторства во други руски региони“, забележа ФСБ.
Предупреди дека украинските специјални служби продолжуваат активно да бараат потенцијални сторители на терористички напади и саботажи преку Интернет, вклучувајќи ги социјалните мрежи и платформите за пораки како што се „Телеграм“ и „Ватсап“.
Свет
Кина откри огромно наоѓалиште на злато
Кина соопшти дека открила најголемо поединечно наоѓалиште на злато во земјата во последните повеќе од 70 години. Според податоците од Министерството за природни ресурси, рудникот за злато Дадонгоу, кој се наоѓа во североисточната покраина Лиаонинг, крие дури 1.444,49 тони докажани резерви, објавува Анадолија.
Како што објави државниот весник Глобал Тајмс, рудникот веќе ја поминал проценката за економска профитабилност, со што се отвора патот за негов понатамошен развој и почеток на експлоатација. Наоѓалиштето е класифицирано како супер голем рудник со отворен коп, а официјалните податоци откриваат дека областа над 720 метри надморска височина содржи околу 2,586 милијарди тони руда. Просечното учество на златото во рудата е 0,56 грама на тон.
Она што го прави ова откритие уште позначајно е невообичаено брзиот процес на истражување, кој траел само 15 месеци. Во извештајот се вели дека овој ефикасен пристап би можел да стане модел за идно „краткоциклусно, висококвалитетно“ истражување на минерали.
Свет
(Видео) Руска ракета ја оштети амбасадата на Азербејџан во Киев, Баку бара објаснување
Азербејџанското министерство за надворешни работи денеска го повикало рускиот амбасадор за да му врачи остар протест, откако руска ракета го оштетила нивното амбасадско седиште во Киев. Според соопштението, ракета од типот „Искандер“ паднала во близина на зградата и предизвикала штета на објектите и службените возила, но нема повредени вработени, пренесе „Киев Индепендент“.
Инцидентот се случил за време на масовниот руски ракетен и дрон-напад врз Киев, во кој загинале најмалку шест лица, а десетици биле ранети. Настанот повторно отвора можни тензии меѓу Баку и Москва, само еден месец по напорите да се поправат односите.
🇦🇿 Russians strike Azerbaijan’s embassy in Kyiv — Aliyev outraged
The president of Azerbaijan told Zelensky directly that this is not the first time Russian forces have targeted both the embassy and other Azerbaijani sites in Ukraine.
The overnight strike hit the embassy… pic.twitter.com/gmAMkZDFBQ
— NEXTA (@nexta_tv) November 14, 2025
Азербејџан му порачал на рускиот амбасадор Михаил Јевдокимов дека овие факти отвораат прашања за намерната природа на нападот, потсетувајќи дека и претходно биле оштетени нивни објекти во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека телефонски разговарал со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев за инцидентот. Алиев го осудил нападот и нагласил дека ова не е првпат Русите да ја гаѓаат зградата на амбасадата и други локации поврзани со Азербејџан.
Баку потсети дека нивни дипломатски и деловни објекти биле оштетени и во други руски напади — почесниот конзулат во Харкoв во март 2022, амбасадата во Киев во август годинава и складиште со нафтени деривати.
Во соопштението стои дека нападите врз дипломатски мисии се неприфатливи и дека од Русија е побарана детална истрага и објаснување.
Азербејџан досега одржуваше неутрална позиција во руската инвазија, но односите се влошија по соборувањето на азербејџански патнички авион над Грозни во декември 2024, кога загинаа 38 лица.

