Свет
НАТО по завршувањето на првиот ден од самитот во Вилнус: „Не бараме конфронтација со Русија, но таа не е наш партнер“
НАТО не бара конфронтација со Русија и не претставува закана за Москва, се наведува во коминикето на алијансата по завршувањето на првиот ден од самитот во Вилнус.
„Бараме стабилност и предвидливост во евро-атлантската област и меѓу НАТО и Русија. НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија. Во пресрет на нејзината непријателска политика и дејства не можеме да ја сметаме Русија за наш партнер“, се нагласува во соопштението.
Се додава дека каква било промена во односите меѓу НАТО и Русија зависи од тоа дали Москва ќе престане со своето агресивно однесување и целосно ќе го почитува меѓународното право.
„Сè уште сме подготвени да ги задржиме отворените канали за комуникација со Москва за да ги ублажиме ризиците, да спречиме ескалација и да ја зголемиме транспарентноста“, соопшти НАТО.
Истовремено, тие додаваат дека ќе продолжат да ги проценуваат импликациите на руската политика и руските дејства врз безбедноста на алијансата, како и дека на руските закани и непријателски дејства ќе одговорат на обединет и одговорен начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Иран убиени двајца судии од Врховниот суд
Двајца судии се убиени утрово во напад пред зградата на Врховниот суд во Техеран, јавија државните медиуми.
„Тројца судии од Врховниот суд беа мета“.
„Двајца се убиени, а еден е повреден“, објави судската веб-страница Мизан онлајн, додавајќи дека напаѓачот се самоубил.
Свет
Америка подигa бодликава жица на границата со Мексико пред инаугурацијата на Трамп
Агентите на американската гранична патрола вчера подигнаа бодликава жица меѓу градот Ел Пасо во Тексас и неговиот мексикански сосед Сиудад Хуарез, забележа репортер на АФП.
Агентите на Царината и граничната заштита (ЦБП), исто така, спроведоа безбедносни вежби во близина на меѓународниот мост што ги поврзува двата града, што беше забележано три дена пред инаугурацијата на Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа во понеделник.
Минувањето на автомобили беше во прекин 40 минути.
„Ова е второ затворање што го гледам за една недела“, изјави за АФП Јадира Мартинез, корисник на меѓународниот мост.
По неговата победа, Трамп рече дека сака да прогласи национална вонредна состојба за да го спроведе својот план за масовно протерување мигранти и дека има намера да ги искористи вооружените сили за тоа.
„Закана број еден за нашата внатрешна безбедност е јужната граница со Мексико#, изјави вчера Кристи Ноем, која новоизбраниот претседател ја назначи за шеф на американското Министерство за домашна безбедност, посебно одговорна за контрола на имиграцијата.
Свет
„Тик-ток“: Утре се гаснеме во Америка
„Тик-ток“ синоќа предупреди дека ќе биде принуден да престане со работа во САД утре, освен ако не добие јасна изјава од Белата куќа за својата иднина.
Ова се случува откако Врховниот суд го потврди законот со кој се забранува Тик-ток во Соединетите држави поради национална безбедност, освен ако кинеската матична компанија „Бајт денс“ не го продаде на одобрен американски купувач, што компанијата го одбива.
Со оваа одлука, популарната апликација за кратки видеа е во опасност утре да исчезне.
Судската одлука ги фрла платформата и нејзините 170 милиони американски корисници во неизвесност, а нејзината судбина во рацете на Доналд Трамп, кој вети дека ќе го спаси ТикТок откако ќе се врати на претседателската функција во понеделник.