Свет
Научниците докажаа: Нова верзија на коронавирус се шири низ целиот свет, до 6 пати позаразна
Мутирана верзија на новиот коронавирус што предизвикува Kовид-19, која е распространета денес во светот, во лабораторија се покажа дека е поспособна да зарази човечки клетки од оригиналната форма на коронавирус што се појави во Кина, покажа новата студија објавена во списанието „Сел“.
Истражувањето спроведено во лабораторија сугерира дека оваа мутација би можела полесно да се пренесува кај луѓето во реалниот свет во споредба со претходната варијанта, но тоа сè уште не е докажано.
Научниците од лабораторијата Лос Аламос во Њу Мексико и Универзитетот „Дјук“ во Северна Каролина се здружија со Универзитетот „Шефилд“ за да анализираат примероци објавени од ГИСАИД, светски извор на секвенци на геноми. Откриле дека сегашната варијанта наречена D614G има мала, но моќна промена во протеинот што се издига од површината на вирусот и дека вирусот ја користи за да ја пробие и зарази човечката клетка.
Научниците ги објавија првите откритија на веб-страницата bioRxiv во април, но потоа беа критикувани дека не успеале да докажат дека самата мутација е одговорна за доминацијата на новата верзија на вирусот во светот, бидејќи тоа може да биде резултат на други фактори.
Тимот затоа спроведе и други истражувања. Тие анализирале податоци од 999 британски пациенти хоспитализирани поради Ковид-19 и откриле дека оние со таа верзија на вирусот имаат поголема концентрација на вирусни честички во организмот, но тежината на нивната болест не била различна.
Лабораториските експерименти покажаа дека оваа верзија на вирусот има три до шест пати поголема способност да зарази човечка клетка.
Според претходните сознанија, иако варијантата на вирусот што сега циркулира е позаразна, може, но не мора, полесно да се пренесува кај луѓето. Во секој случај, вирологот на Универзитетот „Јеил“, Нејтан Грубау, кој не учествуваше во истражувањето, вели дека ширењето на нова генетски мутирана верзија на вирусот, по природна селекција или случајно“, значи дека оваа варијанта сега е причина за пандемијата.
Тој проценува дека истражувањата допрва треба да утврдат дали оваа нова варијанта ќе влијае на развојот на вакцини и лекови и посочува дека не очекува дека D614G ќе предизвика промени во мерките за ограничување на ширењето на вирусот или ќе предизвика посериозна состојба кај заразените лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

