Свет
Научниците со ново откритие за делењето на Црвеното Море за време на библискиот егзодус
Истражувачите на Универзитетот во Аризона, проучувајќи ги остатоците од една од најголемите вулкански ерупции во историјата на Земјата, наишле на откритие кое може да обезбеди научно објаснување за одредени феномени опишани во Библијата, пренесува „Спутник“.
Според извештаите, истражувачите користеле радиојаглеродно датирање за испитување на маслиново гранче пронајдено закопано под протокот на лава за да се утврди дали вулканската ерупција Тера на островот Санторини, која претходно била датирана во 16 век п.н.е., се случила еден век порано , приближно во истото време кога проучувачите на Библијата вверуваат дека се случил егзодусот.
Ова откритие може да ѝ даде кредибилитет на теорија предложена од египтологот Ханс Гедикке, која тврди дека делењето на Црвеното Море може да се објасни со цунами предизвикано од ерупција Тера.
Меѓутоа лидерот на студијата, д-р Шарлот Пирсон, не сакаше директно да каже дали нејзините сознанија би помогнале за датирање на егзодусот, посочувајќи само дека континуираната работа за подобрување на хронолошките рамки е суштинска за проучување на минатите цивилизации.
„Во моментот нема дефинитивно калибрирано радиојаглеродно датирање за ерупцијата Тера, но променетата позицијата на платото 14Ц укажува на тоа дека подобрената калибрација има многу да понуди за хронолошка синхронизација на човечките и еколошките временски текови во овој период”, вели таа за „Тајмс оф Израел“.
Претходно во јануари, археологот задолжен за археолошко ископување во израелскиот град Кирјат Јеарим откри дека таа област е можната локација на митскиот Ковчег на Заветот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

