Свет
Најлоша епидемија на денга-треска во Бангладеш досега, починаа повеќе од 1.000 луѓе
Повеќе од 1.000 луѓе починале од денга-треска во најлошата епидемија досега во Бангладеш, покажуваат официјалните бројки. Зголемените температури поради климатската криза доведоа до интензивно ширење и првпат се пријавени повеќе случаи надвор од густо населените урбани центри.
Од јануари 1.017 луѓе починале од болеста што ја пренесуваат комарците, вклучително и повеќе од 100 деца, а бројот на заразени се искачи на повеќе од 208.000, според податоците објавени во понеделникот од Генералниот директорат за здравствени услуги на Бангладеш.
Денга-треската е ендемична во јужноазиската земја, при што инфекциите обично го достигнуваат врвот за време на сезоната на монсуните меѓу јули и септември, но оваа година порастот на случаите почна многу порано, кон крајот на април.
Продолжената сезона на монсуните, која донесе повисоки температури во комбинација со неправилни и обилни врнежи, создаде идеални услови за репродукција на комарецот аедес, кој ја пренесува болеста денга, посочуваат научниците. Приливот на пациенти го оптоварува здравствениот систем во земјата, а болниците се соочија со недостиг од кревети и персонал за да се грижат за нив.
Бројот на починати во епидемијата е речиси четирипати поголем од минатата година кога починаа 281 лице. Само во септември имало повеќе од 79.600 пријавени случаи и 396 смртни случаи.
Исто така, постои зголемена загриженост за ширењето на епидемијата во постудените месеци. Минатата година бројот на случаи на денга го достигна врвот само во октомври, а повеќето смртни случаи се случија во ноември.
Во минатото епидемиите беа претежно ограничени на густо населените урбани центри, како главниот град Дака – дом на повеќе од 20 милиони луѓе – но оваа година инфекциите бргу се проширија во целата земја, вклучително и руралните области.
Вирусната инфекција на денга предизвикува симптоми слични на грип, вклучувајќи силни главоболки, болки во мускулите и зглобовите, треска, а во некои случаи и внатрешно крвавење и смрт. Се пренесува на луѓето со каснување од заразен комарец аедес, а специфичен третман за оваа болест не постои.
Денга-треската е ендемична во повеќе од 100 земји и заразува од 100 до 400 милиони луѓе секоја година, според Светската здравствена организација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

