Свет
Најмалку 38 загинати и огромна материјална штета по пукањето на брана во Кенија

Најмалку 38 лица загинаа и е предизвикана огромна материјална штета откако пукна браната „Пател“ во долината Рифт во Кенија по неколкунеделните обилни дождови, пренесува „Скај њуз“. Браната, која се наоѓа во Солаи во округот Накуру, на околу 120 милји северозападно од Најроби, пукнала доцна во средата.
Во тек е мисија за потрага и спасување, а Црвениот крст досега спасил 39 луѓе.
„Водата одзеде многу животи и предизвика огромни штети чиј степен допрва треба да се утврди”, изјави Ли Кинјанџуи, гувернерот на Накуру.
Кенискиот Црвен крст проценува дека во калта се зафатени повеќе од 500 семејства.
Локалните лидери се загрижени дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи многу луѓе сè уште се водат за исчезнати и се стравува дека се заробени во густата кал која се протега повеќе од километар и пол.
Поројните дождови во Источна Африка што траат веќе два месеца досега однесоа 132 животи, а 222 456 луѓе се раселени во 32 земји од март досега, објави „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Конструктивен беше состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, вели Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, што се одржа во Велика Британија, бил конструктивен.
Аргументите на Киев беа слушнати и опасностите беа земени предвид, додаде тој во своето вечерно обраќање до Украинците.
Зеленски истакна дека на средбата учествувале претставници на Велика Британија, САД, Франција, Германија, Италија, Финска и Полска, со цел консолидирање на позициите за постигнување примирје.
„Патот кон мирот за Украина треба да биде определен заедно и само заедно со Украина, тоа е клучен принцип“, нагласи украинскиот претседател.
Свет
Макрон: Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците

Само неколку дена пред планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите разговори за нејзината иднина.
„Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“, напиша Макрон на X.
„Бидејќи и нивната безбедност е во прашање, Европејците исто така мора да бидат дел од решението, рече тој.
Макрон претходно разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, напиша тој.
По разговорот со Макрон, Зеленски напиша на X: „Украина, Франција и сите наши партнери се подготвени да работат што е можно попродуктивно за вистински мир“.
Трамп треба да се сретне со Путин во Алјаска во петок. Според „Волстрит џурнал“, Путин бара целосна руска контрола врз источните региони на Украина, Донецк и Луганск, што Зеленски категорично го отфрла.
Свет
Ердоган за Газа: Одлуката на Израел е неприфатлива, поддршката за Палестина продолжува

Одлуката на Израел да преземе воена контрола врз Газа е апсолутно неприфатлива, му рекол турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на палестинскиот претседател Махмуд Абас во телефонски разговор, пренесува Анадолу.
Според турската Дирекција за комуникации, тие разговарале за израелските напади врз Газа и за најновите случувања во регионот.
За време на разговорот, Ердоган повторил дека Турција ќе продолжи да стои зад Палестина.
Нарекувајќи ги изјавите на Франција, Велика Британија и Канада за можното признавање на палестинска држава достојни за внимание, Ердоган го истакна растечкиот бран критики кон Израел на Западот и додаде дека Турција ќе продолжи со своите напори за мир во регионот.