Свет
На Израел му остануваат само две или три недели да го елиминира Хамас, вели поранешниот израелски премиер, Барак
Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак рече дека стравува оти Израел има само две-три недели да го елиминира Хамас бидејќи јавното мислење, што е најважно во САД, бргу се свртува против нападите на Израел врз Газа.
Барак во интервју за „Политико“ навести дека мултинационалните арапски сили би можеле да ја преземат контролата врз Газа по израелската воена кампања за да помогнат во враќањето на палестинската управа на Махмуд Абас во Појасот.
Барак, сепак, рече дека враќањето кон дипломатијата со цел да се создаде палестинска држава е многу далечна перспектива.
Барак, кој беше премиер на Израел меѓу 1999 и 2001 година, смета дека реториката на американските официјални лица се променила во последните денови и дека тие сè повеќе бараат пауза во борбите за доставување хуманитарна помош во Газа и ослободување на заложниците што ги држел Хамас.
Посочи дека Израел не може да ги игнорира позициите на САД, иако Вашингтон не може, како што наведе, да му диктира на Тел Авив што да прави.
Барак рече дека ќе бидат потребни месеци или дури и години да се уништи исламистичката милитантна група Хамас – главна воена цел поставена од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но посочи дека поддршката на Западот за Израел опаѓа поради високиот број цивилни жртви во Газа и стравувањата дека израелската воена кампања може да предизвика поширока војна во регионот.
Западните земји се исто така загрижени за нивните државјани меѓу 242 заложници што Хамас ги држи во Газа, рече Барак.
Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела истакна дека е потребна пауза во војната за да се достави хуманитарна помош во Газа и да се ослободат заложниците.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на посетата на Израел оваа недела рече дека заштитата на цивилите во Газа сега треба да биде приоритет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Трагедија на Уна во Хрватска: се превртел чамец, има загинати
Хрватската полиција и припадници на Хрватската горска служба за спасување од утрово трагаат по лица, најверојатно мигранти, кои завршиле во реката Уна кај Хрватска Костајница, пренесува Н1 Хрватска.
Полицајци околу 4:45 часот слушнале повици од реката Уна кај местото Росуље. Веднаш притрчале на помош и пронашле едно живо лице и едно безживотно тело. Бидејќи се сомнева дека во водата има уште лица, започната е спасувачка акција, потврдиле за 24сата од Полициската управа сисачко-мославачка.
Во потрагата се вклучени и дронови за што побрзо лоцирање и извлекување на лицата. Утврдено е дека дошло до превртување на чамец, објави Вечерњи лист.
Како што неофицијално дознава 24сата, во чамецот кој пловел кон хрватскиот брег имало најмалку пет лица, а наводно станува збор за мигранти и криумчар.
Регион
Радев: Украина сè уште има работа пред да се приклучи кон ЕУ, не треба да го заборавиме Западен Балкан
Во интервју за германското издание „Берлинер Цајтунг“, поранешниот бугарски претседател Румен Радев, кој неодамна поднесе оставка и најави влез во трката за премиер изјави дека неговото влегување на парламентарната политика се должи на протестот на Бугарите во декември.
„Тоа е одговор на повикот на бугарските граѓани и нивните очекувања за трансформација на Бугарија во демократска, модерна и слободна европска држава. Масовните граѓански протести во декември низ цела Бугарија, како и во европските градови како Берлин, доведоа до оставка на бугарската влада. Сакаме бугарските граѓани да се чувствуваат целосно слободни, без да зависат од какви било олигархиски интереси и да имаат можност да го развијат својот потенцијал во својата земја“,изјави Радев.
Тој смета и дека завршувањето на војната во Украина бара повеќе дипломатија. Досега, како што вели, фокусот беше ставен на воена и економска помош за Украина, но дипломатските средства не беа доволно искористени. Веќе постои промена во ставот на европските лидери и пореалистичен пристап кон војната во Украина, пренесе БГНЕС. бг.
„Лидери како претседателот Емануел Макрон почнаа да зборуваат за продолжување на дијалогот со Русија и да дискутираат за идната безбедносна архитектура во Европа. Треба да разговараме со Русија бидејќи без дијалог, безбедносната архитектура ќе се базира на ривалство и постојан воен начин на размислување. Како поранешен командант на воздухопловните сили, многу ги ценам инвестициите во одбраната, но мора да бидеме свесни и за долгорочните последици за нашата економија и општествени системи“, рече Радев.
Додаде дека Украина и нејзините граѓани заслужуваат поддршка во ова исклучително тешко време за нив, но членството во ЕУ бара исполнување на Копенхашките критериуми. Радев вели дека земјите од Западен Балкан чекаат со децении и спроведуваат тешки реформи во економијата, администрацијата и владеењето на правото.
„Не смееме да ги заборавиме додека нашиот фокус е на Украина, поради воените дејствија. Брзањето ризикува поткопување на европските принципи, а Украина сè уште има многу работа да направи за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ“, додаде тој.
Радев зборува и за Македонија, споменувајќи дека земјата според договореот од 2022 година мора да го промени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите државотворни народи , и само тогаш можат да почнат преговорите за членство во ЕУ.
„Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да го видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и комуницираат заедно“, рече Радев.
Свет
Захарова: Се испостави дека вистинските чудовишта се чувствувале удобно во западното општество
Објавувањето на таканаречените досиеја на Епстин разоткри „одвратно ѓубре“ кое со години измислува митови за Русија за да го одвлече вниманието од своите злосторства, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во интервју за руската државна новинска агенција ТАСС.
Захарова потсети на бројните обвинувања што западните земји ги упатија против Русија и тврдеше дека Москва одговорила на нив со „аргументи и факти“.
„Со години тие измислуваат митови за Русија, за наводната закана, за злосторствата што ние, како што тврдеа, наводно ги извршивме на нивна територија. Во меѓувреме, целото ова ѓубре работи со години во нивните заедници, во нивното срце, во најлуксузните населби на Њујорк, Лондон и другите европски престолнини, како и во Соединетите Американски Држави“, рече таа.
Захарова додаде дека, по објавувањето на досиејата на Епстин, „се покажува дека вистинските криминалци, вистинските чудовишта, се чувствувале удобно во западното општество“. „Тие биле вклучени во разни гнасни злосторства: корупција, трговија со луѓе, принудна проституција, нелегално затворање и педофилија, и што и да посакате“, рече Захарова.
Објавувањето документи од страна на Министерството за правда на САД ги откри врските на Епстин со многу истакнати личности во политиката, финансиите, академијата и деловниот свет, и пред и откако се изјасни за виновен во 2008 година за обвиненија за проституција, вклучително и заведување малолетници.
Епстин беше пронајден обесен во неговата затворска ќелија во 2019 година откако беше повторно уапсен по федерални обвиненија за сексуална експлоатација на малолетници. Неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.

